ТРАНСПОРТ И ШПЕДИЦИЈА – ВАЖНА АЛКА ВО ПРОЦЕСОТ НА СНАБДУВАЊЕ
➢ Актуелно (27.10.2020)
👁 Прочитано: 2331



ТРАНСПОРТ И ШПЕДИЦИЈА – ВАЖНА АЛКА ВО ПРОЦЕСОТ НА СНАБДУВАЊЕ

Во време на пандемија кога голем дел од активностите се одвиваат под специфични услови и протоколи, непречениот транспорт на добра и услуги се истакна како многу важна алка која обезбедува непречен тек на активностите. Навремената испорака на добра и услуги, особено во меѓународниот транспорт е од есенцијално значење за една компанија успешно да изврши извоз на добра и услуги, односни увоз на суровини и репроматеријали. Во такви услови запазувањето на правата и обврските помеѓу договорните страни се особено важни и претставуваат гаранција дека двете страни ќе го исполнат договореното.

За таа цел Стопанската комора на Македонија, на 27 октомври 2020 година организираше „онлајн“ семинар на тема: „ПРАВЕН АСПЕКТ НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ПРЕВОЗ И ШПЕДИЦИЈА – ПРАВА, ОБВРСКИ И ВИДОВИ ДОКАЗИ НИЗ ПРИЗМАТА НА СУДСКАТА ПРАКСА“ чија цел беше разработка на договорите за превоз на стоки и шпедиција, согласно видот на правата и обврските кои произлегуваат од нив и доказите кои се неопходни за разрешување на спорните прашања во текот на судските постапки.

Предмет на разгледување беа одредбите од Законот за облигациони односи кои се заеднички за сите видови договори кои се среќаваат при реализацијата на услугата транспорт на стоки. Исто така беа анализирани  поединечните одредби и беше посочена особената важност на одделни права и обврски на превозникот или шпедитерот, нивната застапеност во споровите од трговското право.

Пред учесниците беа презентирани и Инкотермс правилата, правилата на МТК (Меѓународна трговска комора) за користење на национални и меѓународни трговски термини, го олеснуваат водењето на глобалната трговија и истите се создадени уште во 1936 година и постојано се осовременуваат држејќи се во чекор со развојот на меѓународната трговија и имајќи го во предвид и континуираното ширење на бесцаринските зони, зголеменото користење на електронска комуникација со бизнис-трансакциите, зголемената важност на безбедноста при движењето на стоките и промените во транспортната пракса.

Повикувањето на правилото Incoterms® во договорот за продажба јасно ги дефинира поединечните обврски на страните и го намалува ризикот од судски комликации при почитување или непочитување на обврските на договорните органи.

Предавач на семинарот беше Маринела Јакасановска, судија во Трговскиот оддел на Основен граѓански суд Скопје, која истовремено е предавач во примарна и континуирана обука на Академијата за судии и јавни обвинители.

Стопанската комора на Македонија преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси, постојано ги следи барањата и потребите на компаниите и во соработка со врвни експерти од конкретната област организира семинари, обуки и советувања кои го унапредуваат работењето на компаниите - се’ во насока на креирање на конкурентни компании, лидери на домашниот и меѓународниот пазар.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија