ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА - И ВО УСЛОВИ НА КРИЗА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ПРИОРИТЕТИТЕ ВО ЈП „ПАЗАРИ“ - БИТОЛА
➢ Актуелно (28.10.2020)
👁 Прочитано: 2136



ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА - И ВО УСЛОВИ НА КРИЗА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ПРИОРИТЕТИТЕ ВО ЈП „ПАЗАРИ“ -  БИТОЛА

И во услови на криза која веќе седум месеци има активно негативно влијание и ограничувања на работата на многу дејности, зелените пазари се обидуваат преку доследна примена на протоколите за работа и мерките за заштита од корона кризата, да се одржат во функција. Дел од нив, особено оние кои работат како посебни јавни претпријатија во рамки на општините, каде единствениот приход им е закупот на тезги и деловни простори кои ги поседуваат, се соочуваат со финансиски проблеми за обезбедување средства за покривање дури и на основните трошоци.

Сепак, тоа не ги ограничува претпријатијата кои имаат веќе започнати инвестициски активности истите да не ги реализираат. Напротив, вложувања во инфраструктура,  проекти за енергетска ефикасност, заштита на животната средина се остваруваат согласно планираното. Во таа насока, преку инвестиција од над 35 илјади евра ЈП „Пазари“ - Битола реализира повеќе инвестициски активности:

  • за прв пат од кога е пуштен во употреба Реонскиот пазар лани во април,  набави машина за чистење и дезинфекција на целата подна површина;
  • постави ЛЕД-осветлување во Градскиот пазар;
  • спроведе нов систем на парно греење на пелети во управната зграда, со што оваа сезона ги чувствува бенефитите во однос на економичноста и заштитата на животната средина;
  • во тек е реновирање на фасадата и промена на доградбата на управната зграда за што претпријатието доби дозвола од  Управата за заштита на културното наследство на РС Македонија;
  • ЈП „Пазари“ е прво јавно комунално претпријатие кое инвестира во фотоволтаична централа за производство на електрична енергија за сопствени потреби, ставена во употреба од крајот на 2019 година;
  • реализирана е реконструкција и замена на доградбата на дуќаните во Градскиот пазар.

Тргнувајќи од креативноста на менаџментот како клучен фактор во поттикнувањето на економскиот развој како дел од стратегиите за развој на претпријатието, „Битолски весник“ на директорот Владo Атанасовски му врачи Признание за постигнувањата во ЈП „Пазари“. Наградата има за цел да го поттикне претприемачкиот дух на менаџерите на јавните претпријатија и секако промоција на успешните примери.

 

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија