ОДРЖАНА КОНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА БИЗНИС-СОВЕТОТ НА КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ
👁 Прочитано: 2967



ОДРЖАНА КОНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА БИЗНИС-СОВЕТОТ НА КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ

 

Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум ги повика владите во регионот и сите учесници во процесот на регионална економска интеграција да го поддржат и да го забрзаат воспоставувањето заеднички регионален пазар без бариери, а Европската Унија да обезбеди инклузивно проширување преку целосно отворање на пазарите на ЕУ за производи од Западен Балкан и пред полноправното членство на овие држави во ЕУ, во областите каде што се исполнети европските стандарди и хармонизираните правила.

Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум, кој го сочинуваат стопанственици од 16 водечки компании од сиот регион, од различни производствени и услужни сектори, ја одржа својата конститутивна седница преку видеоконференциска врска на 4 ноември 2020 година.

Бизнис-советот, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следи напредокот во спроведувањето на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, кој се очекува да биде усвоен следната недела во Софија, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, во чие создавање активно учествуваше и деловната заедница од регионот.

Бизнис-советот на КИФ редовно ќе ги информира владите на Западен Балкан, како и Европската Унија, за состојбата на теренот, давајќи, врз основа на искуството од секојдневната работа и на деталните анализи, конкретни предлози и сугестии за мерки за елиминирање на бариерите, за намалување на трошоците и за олеснување на условите за водење бизнис во регионот и во Европската Унија. Тоа ќе донесе пофлексибилен, небирократски пристап кон решавање на проблемите со кои се соочува стопанството на дневно ниво и нова динамика во дијалогот што го има Коморскиот инвестициски форум, како заедничка асоцијација на стопанските комори од регионот, со владите на земјите од Западен Балкан и со институциите во Брисел“, посочи Марко Чадеж, претседател на Коморскиот инвестициски форум.

Со цел да се обезбеди слободен и побрз проток на луѓе, стоки, услуги и на капитал во регионот, според членовите на бизнис-советот, приоритетно е владите од регионот да ги стандардизираат и да обезбедат меѓусебно признавање на сертификатите и на другата трговска документација што ги придружува стоките; да ја подобрат инфраструктурата на граничните премини; да го усогласат работното време на граничните служби, но и да работат на забрзување на царинските постапки преку обезбедување побрз проток на стоки и бесхартиено царинење. Стопанствениците укажаа и на други прашања за кои треба да се разговара на регионално ниво, вклучувајќи ги прашањата за регионални фондови за финансирање истражување и иновации, фискализација на регионално ниво, меѓусебно признавање на работните дозволи, усогласување и заемно признавање на лиценците, олеснување на меѓукомпаниските трансфери и намалување на интрарегионалните плаќања.

На седницата беше усвоен позицискиот документ со специфични препораки од деловната заедница за зајакнување на регионалната економска соработка, кој во рамки на подготвителните активности за Самитот на Западен Балкан ќе биде упатен до сите учесници во процесот на регионална интеграција, до политичките лидери, владите и надлежните министерства од регионот, до Европската комисија, членовите на Берлинскиот процес, Секретаријатот на ЦЕФТА и до Советот за регионална соработка.

Во документот деловната заедница ги повика владите на Западен Балкан да постават приоритети за воспоставување на заедничкиот регионален пазар на пазарот за 2021 година; да го охрабрат и да го олеснат инклузивното проширување и да ја поддржат деловната заедница во барањето, заедно со зелените коридори за стоки и со зелените линии за бизнисмени и за работници во регионот, да бидат воспоставени зелени ленти и на граничните премини со земјите од ЕУ, со цел меѓусебно да се забрза трговијата со стоки и да им се овозможи на компаниите на Балканот полесно да извезуваат и да набавуваат суровини.

За да се обезбеди подобра и поефикасна координација, посилна политичка поддршка за регионална интеграција и поголема меѓусебна доверба во градењето единствен регионален пазар, КИФ го повтори своето барање сите влади да формираат регионални министерства за соработка или да назначат службени лица на ниво на министерствата и да обезбедат спроведување на договорените политики и мерки.

На седницата претставници на Европската Унија, Регионалниот совет за соработка и на Секретаријатот на ЦЕФТА ги изложија клучните прашања од акцискиот план за заеднички регионален пазар, кој треба да биде усвоен на Самитот во Софија на 10 ноември.

Томас Хаглејтнер од Генералниот директорат на Европската комисија за проширување ја истакна важноста од учеството на деловната заедница и нивните иницијативи во процесот на градење заеднички пазар и спроведување на економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.

„Овие инвестиции ќе имаат целосна смисла доколку има слободен проток на стоки, луѓе, услуги и на капитал, доколку се воспостави единствен пазар во регионот кој работи според правилата на ЕУ, што ќе доведе до интеграција на регионот во ЕУ“, посочи Хаглејтнер.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, ја истакна важноста од утврдувањето мерливи резултати за отстранување на бариерите и клучната улога на деловната заедница во спроведувањето на договореното, како и примена на заеднички решенија во сите земји во регионот.

Тања Мишчевиќ, заменик генерален секретар на Советот за регионална соработка, посочи дека акцискиот план за заеднички регионален пазар, преку усогласување на стандардите, владеење на правото, поттикнување на иновациите и преку мобилност, отвора можност за повеќе инвестиции во регионот и за вклучување на Западен Балкан на паневропскиот дигитален пазар.

Членови на Бизнис-советот се истакнати бизнисмени и регионални бизнис-лидери од сите шест економии на Западен Балкан и од речиси сите сектори на производство и на услуги, претставници на водечките деловни субјекти: албански „БАЛФИН“, „Агна“ и „Инфософт група“; босански „МС вуд“, „Сараево кисеjак“ и „Микроеленика“; косовската корпорација „Деволи“ и групацијата „Алби“; црногорски „Воли“, „Требјеса“ и „Портонови“; македонски „Алкалоид и „М6“/„Тиквеш“ и српски „Еликсир груп“, „Нелт“ и „Милшпед“.

Служба за информирање при Комората