„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Македонскиот туризам во Лондон ќе се претстави на Б2Б платформата „NEW DEAL EUROPE“

19.02.2025

Претставници на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора одржаа средба со директорите и основачите на туристичкиот настан и форум во Европа – NEW DEAL EUROPE, Тине Мурн и Роберт Дее, кои се истакнати претставници на туристичката индустрија и регионални претставници на Европската туристичка асоцијација (ETOA) за регионот на Јадран и Балкан.

Овој престижен настан, на кој годинава ќе учествуваат и претставници од туристичкиот сектор во нашата држава вклучително и членки на Здружението при Комората, е посветен на 12 земји од Југоисточна Европа и Балканот и се одржува секоја година во Лондон на почетокот на пролетта. Настанот организира околу 1.200 состаноци во еден ден, заедно со три образовни презентации за дестинации.

Директорите на NEW DEAL EUROPE, се истовремено и потписници на Манифестот за туризам на Европската туристичка комисија, документ кој се залага за одржлив развој и унапредување на туристичкиот сектор во Европа.

На средбата беа разгледани можностите за соработка помеѓу македонските туристички оператори, хотелиери и винарии и платформата NEW DEAL EUROPE, како и начините за подобрување на туристичката понуда на Македонија преку учество на овој значаен форум. Двете страни истакнаа заедничка заложба за зголемување на видливоста на Македонија како атрактивна дестинација на меѓународниот туристички пазар поединечно но и регионално како дел од Западен Балкан, но и како успешна туристичка приказна со поврзување на две до три земји истовремено.

Средбата претставува важен чекор во зајакнувањето на врските со меѓународните туристички организации и креирање нови можности за македонскиот туристички сектор.