„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Само 18% од компаниите се задоволни од инфраструктурата, 93% тешко доаѓаат до работници, покажа анкетата на Советот на странски инвеститори

12.02.2025

Резултатите од годишната анкета Business and Investment Indicator на Советот на странски инвеститори покажуваат дека компаниите со странски капитал во Северна Македонија сè повеќе се соочуваат со предизвици поврзани со инфраструктурата, недостатокот на квалификувана работна сила и правната несигурност.

Анкетата беше спроведена во периодот од 24 ноември 2024 до 20 јануари 2025 година и опфати компании кои имаат инвестиции во државата во вредност од над 4 милијарди евра и вработуваат повеќе од 39.000 лица.

Резултатите од анкетата пред новинарите, странските амбасадори, компаниите и институциите ги презентираа Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија и претседател на Советот, како и Никола Љушев (Македонски Телеком), Волфганг Мајер (ЕВН Македонија) во својство на потпретседатели и Сашко Наков (Амфенол Македонија) член на УО на Советот на странски инвеститори.

Според анкетата, само 18% од компаниите се целосно задоволни од инфраструктурата на локацијата каде што работат, додека останатите имаат одредени забелешки или се целосно незадоволни. Како главни инфраструктурни недостатоци се посочуваат:

  • пристапни патишта
  • приклучок на струја и гас
  • автопати и водоснабдување

Анкетата покажува дека 38% од странските инвеститори во 2024 година го зголемиле обемот на производство и услуги во однос на претходната година, главно поради зголемените нарачки од странство и префрлување на производство од други локации. Сепак, кај 62% од компаниите е забележан пад, а како главни причини се наведуваат намалената побарувачка и недостигот на работна сила.

Најчести пречки во работењето на компаниите минатата 2024 биле: недостаток на квалификувана работна сила, зголемени оперативни трошоци, правна несигурност и чести измени на бизнис регулативата, бирократија, корупција, проблеми со судството, недоволна инфраструктура и др.

93% од странските инвеститори ги покачиле платите минатата година, просечно за 11%.

Ист процент, 93%, имале проблем со ангажирање на работна сила, и тоа: инженери, технички персонал и оператори.

Само 17% од странските компании ангажирале работна сила од странство.

48% од испитаните странски инвеститори во земјава би донеле одлука во овој момент да инвестираат во земјава, а како најважни фактори за донесување на одлуката за повторно инвестирање во Македонија ги наведуваат: ниските оперативни трошоци, расположлива квалификувана работна сила, поволна бизнис клима во државата, ниските даноци, државна помош, развиен домашен пазар, итн.

Во однос на оценката за задоволството од работењето на институциите задолжени за aftercare услуги 54% од испитаните компании одговориле дека квалитетот на услугите е намален или еднакво неповолен во споредба со изминатите години, со објаснување дека ниеден или многу малку предлози и препораки се прифатени од страна на релевантните институции.

Шест приоритети за Владата во 2025 година

Советот на странски инвеститори ја повикува Владата на Северна Македонија да ги адресира следните приоритети во 2025 година:

1.      Унапредување на образовниот систем

2.      Усогласување на царинските стапки со оние во ЕУ

3.      Унифицирање на третманот на оправдани инвестициски трошоци кај сите даватели на државна помош

4.      Намалување на корупцијата

5.      Поедноставување на постапките за дозволи за работа и престој за странци

6.      Подобрување на инфраструктурата и исполнување на преземените обврски на државата