„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
19.02.2025
Во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија се одржа средба со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на која се дискутираа актуелните економски предизвици и процесот на реализација на унгарскиот заем за поддршка на компаниите. На состанокот учествуваа претставници на Комората и деловната заедница, предводени од претседателот на Комората, Бранко Азески.
Министерката информираше дека до крајот на месецот се очекува исплатата на првата транша од заемот. Во некои од банките веќе се одобрени проекти, а барањата за исплата се поднесени до Развојната банка.
„Започнуваме серија состаноци со бизнис-заедницата и првиот чекор го правиме токму од Стопанската комора. Целта е да обезбедиме транспарентност во процесот на распределба на средствата од унгарскиот заем и да одговориме на сите отворени прашања што можеби ги имаат компаниите“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека целта е средствата да бидат пласирани во цел износ, да се помогне стопанството во моментов, имајќи ги предвид случувањата на глобално ниво и да се поттикнат инвестиции, пред се одржливи кои носат развој.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, нагласи дека за компаниите е од исклучителна важност овие средства, обезбедени од Владата, што побрзо да стигнат до корисниците и да започне реализацијата на инвестициите. Тој ја поздрави иницијативата за вакви директни средби, кои овозможуваат отворен дијалог и размена на мислења за економските предизвици со кои се соочува приватниот сектор.
На средбата беше отворено и прашањето за повратот на средствата што компаниите ги уплатија врз основа на Законот за солидарен данок. Министерката за финансии посочи дека ова претставува значаен фискален товар, но истакна дека средствата ќе бидат вратени во рок пократок од пет години. Во наредниот период ќе следуваат дополнителни консултации со компаниите за утврдување на динамиката на враќање. Од страна на Комората беше изразена подготвеност за конструктивен дијалог со Владата, со цел дефинирање на најоптималните решенија во интерес на стопанството.
Заклучокот од средбата беше дека отворениот дијалог меѓу Владата и бизнис-заедницата е клучен за решавање на актуелните економски прашања и обезбедување на предвидлив деловен амбиент. Стопанската комора ќе продолжи да ги застапува интересите на компаниите и активно ќе учествува во процесите кои влијаат врз економскиот развој на земјата.