„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Образование - инвестиција во бизнисот

Претставени резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката“

20.02.2025

Претставување на резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката ЕКЕТ СЕЕ“ беше во фокусот на Конференцијата Подобрување на квалитетот на образованието и обуката, која заеднички ја организираа Стопанската комора на Северна Македонија и Центарот за развој на стручното образование и обука, на 19 февруари 2025 година.

Регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката ЕКЕТ СЕЕ“, кој започна во 2021 година, се спроведуваше во рамките на Секретаријатот за иницијативи за образовни реформи во Југоисточна Европа (ЕРИ СЕЕ), поддржан од Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и од Европската фондација за обука (ЕТФ), а финансиран од Австриската агенција за развој со буџет од околу 2 милиони евра. Регионалниот проект се спроведуваше во шесте земји од Западен Балкан и се состоеше од две компоненти: креирање стандарди на занимања и квалификации во секторот земјоделство и во секторот машинство во првата компонента и обезбедување квалитет во образованието (фокус на надворешната евалуација на институциите) во втората компонента. Во реализацијата на активностите на проектот беа вклучени центрите за стручно образование и обука, стопанските комори и бизнис-заедницата, како и агенциите за квалификации, Бирото за развој на образованието и просветните инспекторати на национално и на регионално ниво. Овој регионален проект е продолжение на проектот „Кон регионално засновани стандарди на занимање“, кој се реализираше од 2019 до 2021 година, а се фокусираше на развој на петте регионални стандарди на занимање во секторите угостителство, туризам и градежништво, интегрирајќи ги потребите на бизнис-секторот на национално ново и придонесувајќи за зајакнување на врските меѓу бизнисот и образованието.

На Конференцијата беше истакната регионалната соработка на земјите од Западен Балкан, која отвора можности за реализација на заеднички активности со цел креирање подобри услови за водење бизнис, подобрување на конкурентноста и раст на извозниот потенцијал на компаниите. За исполнување на овие цели неопходно е унапредување на човечкиот капитал и добивање квалификации кои ќе бидат признати во земјите од Западен Балкан, со што ќе се олесни мобилноста на стручните и квалификувани лица во регионот. На Конференцијата резултатите што беа постигнати во текот на четиригодишната реализација на проектот беа претставени преку три панел-дискусии.

Во првата панел-дискусија насловена „Стручно образование и обука“ учествуваа претставници од стручните училишта, а во фокусот беа креирањето на двата стандарди за занимањето агротехничар за традиционално и за органско производство и за квалификацијата бравар и негово усогласување на регионално ниво; изработката на наставен материјал за изучување на квалификацијата со дополнителна документација, како водичи за работа; реализираните обуки за 222 наставници и координатори за учење преку работа за двете квалификации и за ментори во компаниите, како и воспоставувањето на мрежата за стручно образование на Југоисточна Европа.

На втората панел-дискусија насловена „Улогата на бизнисот во реализацијата на резултатите“ претставници на Стопанската комора и на бизнис-заедницата говореа за нивното учество во креирањето на стандардите на занимањата и квалификациите, кое има посебно значење во изработката на стандардот на одредено занимање бидејќи се тие најкомпетенти да го дадат описот на занимањето и на потребните знаења и вештини што треба да ги поседуваат лицата за да можат да ги извршуваат работните функции на занимањето, ги поврзуваат потребите на бизнисите со образованието и обуката на работната сила и ги прават релевантни на потребите, а тоа влијае врз:

1.     подобрувањето на конкурентноста на пазарот преку стандардизација на вештините затоа што во стандардите на занимање се дефинира нивото на знаењата, вештините и на компетенциите потребни за одредени професии, што овозможува бизнисите да имаат подобар пристап до квалификувана работна сила, а тоа е клучно за нивната продуктивност и конкурентност;

2.     поддршката за економскиот развој преку приспособување на пазарот на трудот, бидејќи со учеството во креирањето стандарди бизнис-заедницата може да влијае врз насоките на образованието и обуката, осигурувајќи дека работната сила е подготвена за потребите на современиот пазар;

3.     намалувањето на неформалната економијапреку формализација на занимањата, со што бизнис-заедницата може да придонесе за намалување на неформалната економија бидејќи работниците и компаниите ќе бидат поттикнати да ги почитуваат утврдените норми.

 

Во фокусот на третата панел-дискусија насловена Обезбедување квалитет беше осигурувањето квалитет, а во неа претставниците од Државниот просветен инспекторат и од Бирото за развој на образованието говореа за изработката на стандардот на компетенции за надворешни евалуатори и на прашалникот за потребите на надворешните евалуатори, како и на програмата за обука на надворешните евалуатори и за реализираната обука на евалуаторите (советници кои вршат стручен увид и/или оценување на воспитнообразовниот процес во училиштата). Исто така, во рамките на оваа компонента беа спроведени анализа на состојбата во сите држави вклучени во проектот и истражување за потребите на евалуаторите, кои споделуваа добри практики од шесте економии во делот на осигурувањето квалитет во образованието.

 

На настанот присуствуваа претставници од бизнис-секторот и од Министерството за образование и наука, наставници и директори на стручни училишта, како и претставници од Стопанската комора и од Центарот за развој на образованието и обуката.