„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за заштита на културното наследство

12.05.2026

 Надлежно е Министерство за култура.

 

2. Цели на предлог регулативата

Целта на Предлогот на закон културно наследство е креирање  правен амбиент со кој ќе се овозможи натамошен развој на сите сегменти на дејноста, пред сѐ на заштитата и конзервацијата на културното наследство, како и создавање на неопходните нормативни претпоставки за ефикасен развој на дејноста.

1.Начело на правна сигурност и владеење на правото. Честите измени на постојниот закон доведоа до нарушување на неговата систематичност, внатрешна конзистентност и предвидливост. Ваквата состојба создава правна несигурност кај субјектите кои го применуваат законот, што е спротивно на начелото на владеење на правото. Донесувањето на нов, систематизиран закон ќе овозможи јасни, прецизни и применливи норми.

2.Начело на ефикасност и економичност на постапката. Постојните административни процедури се преобемни и често нефункционални, што резултира со одолговлекување на постапките и намалена ефикасност на заштитата. Новото законско решение треба да обезбеди поедноставување и рационализација на постапките, со цел да се постигне навремена и стручна интервенција во заштитата на културното наследство.

3.Начело на деконцентрација во остварувањето на надлежностите. Високата  концентрација на надлежностите во Управата за заштита на културното наследство се покажа како нефункционална. Со новиот закон е неопходно да се воспостави рамномерна распределба на надлежностите меѓу Управата за заштита на културното наследство и установите за заштита на културното наследство, со што ќе се овозможи поефикасно и стручно постапување.

4.Усогласување со меѓународното и европското право. Донесувањето на нов закон ќе овозможи целосно усогласување со ратификуваните конвенции, директивите на Европската Унија и релевантните препораки на меѓународните организации, со што ќе се зајакне правната и институционалната рамка.

5.Обезбедување на професионални стандарди и стручност. Новиот закон треба да воспостави јасни професионални стандарди, критериуми за стекнување на стручни звања и механизми за континуирана едукација на кадарот.