„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Продлабочувањето на економската соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија и создавањето нови можности за деловни партнерства беа во фокусот на вчерашниот бизнис форум кој се одржа во Скопје, а на кој учествуваа над 130 претставници од институциите, бизнис-заедницата и дипломатскиот кор.
На настанот присуствуваше и извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, кој заедно со претставници на домашните компании учествуваше во разговорите и деловните средби насочени кон зајакнување на економските врски меѓу двете земји.
Амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Н.Е Сецуко Кавахара истакна дека ваквите форуми претставуваат значајна платформа за поврзување на компаниите и за идентификување нови можности за соработка, посочувајќи дека јапонските компании покажуваат сè поголем интерес за регионот и потенцијалите што ги нуди македонската економија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, нагласи дека економската дипломатија и привлекувањето странски инвестиции остануваат меѓу приоритетите на Владата, при што Јапонија се гледа како важен партнер со значителен потенцијал за унапредување на трговијата, инвестициите и технолошката соработка.
Во рамки на форумот беа организирани и директни средби, при што присутните компании имаа можност да остварат контакти и разговори со девет реномирани јапонски компании, со цел воспоставување нови партнерства и конкретни деловни соработки.