„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Развојот на патната, железничката и енергетската инфраструктура е императив за економски напредок на Пелагонискиот регион, беше истакнато на заедничкиот состанок на управните одбори на Регионалните комори со седиште во Битола и Прилеп, што се одржа во Битола.
Состанокот, инициран од стопанството, беше посветен на клучните инфраструктурни предизвици и потенцијали во регионот, при што во фокусот беа патната и железничката мрежа, гасификацијата, енергетските капацитети, како и проектите за заштита на животната средина и достапните извори на финансирање.
Покрај претставниците на бизнис-заедницата, на средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, како и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
Како домаќин, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола Мирко Велковски нагласи дека инвестициите во инфраструктурата, иако на краток рок можат да изгледаат економски неоправдани, на долг рок носат значајни придобивки за стопанството и општеството.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Никола Мариновски, истакна дека соработката меѓу Комората и Владата е на добро ниво, што претставува важна основа за позабрзан развој на регионот. Тој додаде дека компаниите од Пелагонија се согласни околу потребата од заедничко делување за економски напредок.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски пред присутните бизнисмени нагласи дека изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со силна динамика и се очекува веќе од следната пролет да се вози по едната коловозна лента во двата правци, а целиот автопат да се заврши и пред рокот. Се преговара за нова траса од Фариш до Прилеп како автопатско решение, се работи на проектирање на обиколница за Прилеп и изведба на таа за Ресен, на идејното решение за обиколницата Битола-Меџитлија, топловодот за Битола, гасификацијата и други инфраструктурни проекти кои ќе дадат силен економски инпут за развој на Пелагонискиот регион.
Во дискусијата се истакна потребата стопанството и Владата да работат заедно со двете железнички претпријатија, Македонски Железници Инфраструктура и Македонски Железници Транспорт за што поголема употреба на железничкиот транспортен сообраќај како далеку поисплатлива алтернатива за транспорт и беше најавено дека во месец јуни ќе биде пуштен нов градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени.
Беше потенциран и фактот дека Пелагонија е во пограничен регион кој се граничи со членка на ЕУ, Р. Грција, на чии погранични региони со околу 1 милион жители има далеку поголеми перспективи за економски развој и поголем придонес во БДП, за кое овој регион го има и потенцијалот и капацитетот.