„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Во Стопанската комора презентирана мерката „Поддршка за креирање на нови работни места – Вработување и раст на правни субјекти“

15.07.2026

| Новости

 Во Стопанската комора на Северна Македонија беше презентирана мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“-подмерката „Вработување и раст на правни субјекти“, која е дел од оперативниот план за вработување за 2026 година.

Можностите што ги нуди мерката ги презентираше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој ги запозна присутните со финансиската поддршка наменета за микро, малите и средните претпријатија, социјалните претпријатија и граѓанските организации за отворање нови работни места.

На состанокот присуствуваа претставници на трите стопански комори предводени од извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухи Алиу и претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски.

Како што рече заменик-министерот за економија и труд Ристески, основната цел на мерката е да обезбеди финансиска поддршка за креирање нови работни места, со вкупен опфат од 1.385 лица. За нејзина реализација се обезбедени 332.650.000 денари, односно околу 5,4 милиони евра.

„Ги повикувам сите микро, мали и средни компании, социјални фирми и здруженија на граѓани, кои имаат право да се пријават, да го направат тоа и да аплицираат за мерката зашто главна цел на оперативниот план не е само да ги вработиме лицата туку и да ги задржиме во земјата. Очекуваме 93 отсто реализација на оперативниот план“, кажа Ристески.

Претставниците на стопанските комори ја поздравија поддршката за отворање на нови работни места, оценувајќи дека ваквите мерки претставуваат значајна поддршка за компаниите во услови на изразен недостиг од работна сила. По работниот состанок, во изјава за медиумите, Наташа Јаневска, советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека мерката е резултат на долгогодишните заложби на Комората за креирање политики што директно ќе одговорат на потребите на бизнис-заедницата.

„Како Комора, во изминатиот период континуирано укажувавме на сериозниот недостиг од работна сила со кој се соочуваат компаниите и се залагавме за креирање мерки што ќе им помогнат полесно да обезбедат кадар и да го поддржат својот раст и развој. Во таа насока, за разлика од претходните мерки кои пред сè, беа насочени кон невработените лица, ја инициравме оваа мерка за финансиска поддршка на компаниите која ќе им овозможи на компаниите да ги пополнат отворените работни места и за полесно да отвораат нови работни места Дополнително, анализите што ги правиме со компаниите за побарувани вештини се основа за креирање мерки во Оперативниот план за одлуки според потребите на компаниите. Веруваме дека финансиската поддршка преку оваа мерка ќе придонесе за намалување на недостигот од работна сила, задржување на работниците и зголемување на конкурентноста на македонските компании“, нагласи Јаневска.

Со подмерката, една компанија може да добие финансиска поддршка за вработување на најмногу пет лица, во износ од 800.000 до 1.250.000 денари, во зависност од бројот на одобрени вработувања и категоријата на невработени лица.

Висината на грантот по вработено лице изнесува:
* 250.000 денари за лица до 29 години;

* 220.000 денари за корисници на гарантирана минимална помош, Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени лица и жени Ромки со завршено средно или високо образование;

* 160.000 денари за невработени лица постари од 29 години.

Новина во оваа мерка е што дополнително се стимулира вработувањето на повратници, при што работодавачот добива 10 проценти повисока финансиска поддршка за секое вработено лице повратник, согласно категоријата во која припаѓа.

Работодавачите кои ќе ја користат мерката се обврзани вработените лица да ги ангажираат на неопределено време со полно работно време и да ги задржат во работен однос најмалку 15 месеци за лица до 29 години, 12 месеци за припадниците на приоритетните целни групи и 9 месеци за останатите лица над 29 години.

Заинтересираните работодавачи можат да аплицираат до 24 јули 2026 година, со поднесување пријава во центрите за вработување, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Дополнителни информации можат да се добијат во работните клубови на центрите за вработување, на телефон 02/3111-850 и на веб-страницата на Агенцијата за вработување.