„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Плакета за Стопанската комора од Макпрогрес – особен придонес и поддршка во справувањето со пожарот во фабриката Винчини

07.09.2026

| Новости

На 06.09.2026 година, Макпрогрес Виница го организираше „Винчини денот на благодарност“– настан посветен на храброста, солидарноста и човечноста, во чест на сите пожарникари, служби и волонтери кои учествуваа во гаснењето на пожарот во фабриката Винчини, кој се случи пред точно една година.

На настанот, Плакета ѝ беше доделена на Стопанската комора на Северна Македонија, за ангажманот вечерта на пожарот, но и за пружената поддршка во деновите кои следеа по пожарот.

На 06.09.2025 претседателот Азески беше директно вклучен во мобилизирање на службите за справување со огнот во погоните на фабриката Винчини, членки на Комората ги ставија своите капацитети на располагање за гаснење на пожарот, а на терен беше присутна и екипа на Комората.

Во деновите што следеа, претседателот Азески имаше видео обраќање со апел за поддршка на Макпрогрес, посочувајќи дека со купување производи од Макпрогрес вградуваме по една цигла во обновата на компанијата, а за рефлексиите на пожарот на Макпрогрес врз домашната економија, но и врз работењето на самата компанија како и за опстанокот на вработените, говореше пред членовите на Управниот одбор на Комората.

На 12.09.2025 година, во Комората се организираше состанок за поддршка на Макпрогрес. Средбата беше иницирана од претседателот на Комората, Бранко Азески, а учествуваа генералниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, претставници на најголемите малопродажни ланци, дистрибутери, Советот на странски инвеститори и повеќе здруженија.

Претседателот Азески беше дел и од свеченото пуштање на новата фабрика за производство на вафли, вредна 8,5 милиони евра, и реализирана за само девет месеци по избувнувањето на пожарот, со значајно учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. 

 

Со особена благодарност го примаме признанието од нашата долгогодишна членка Макпрогрес, и горди сме што имавме прилика да докажеме дека и во најтешките денови, како и во најголемите деловни успеси, Комората цврсто стои зад своите членови и претставува вистинка куќа на бизнисот.