„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за претставување на членките и вмрежување
Борбата против корупцијата е тема за која триесет и пет години се зборува и се преземаат чекори, но таа е сè уште на високо ниво, потврдена преку формални, официјални документи.
Оваа тема е дел од поширокиот ангажман на Стопанската комора за борба против сивата економија и за владеење на правото, што е предуслов за зголемени инвестиции и за економски раст бидејќи препознаено и нотирано од бизнисот е дека корупцијата е еден од клучните блокатори на развојот на една држава.
СКСМ е подготвена да го поддржи процесот на интензивирање на борбата против корупцијата и да соработува со институциите на сите нивоа. Во таа насока Комората во 2024 година потпиша договор за соработка со „Транспаренси интернешнл“ Македонија и меморандум со Државната комисија за спречување на корупцијата, со што се заокружи соработката меѓу бизнис-секторот, институциите и граѓанските организации, кои можат да создадат синергија за трансформација на општеството.
Клучните фактори кои влијаат врз големината на неформалната економија се степенот на економска развиеност на земјата, даночниот товар, парафискалните давачки, високата регулација на формалната економија, нивото на корупција, довербата во државната администрација и даночниот морал и од тука треба да се бараат и решенијата.
Едно од решенијата е дигитализацијата на процесите, и тоа во делот на јавните набавки, поедноставувањето на постапките и на процедурите за издавање разни видови дозволи, документи и сл., кои треба да ги обезбедат државните институции за бизнисот заради негово непречено функционирање.
Активностите на државата мора да се зголемат и да се насочат кон механизмите за разбивање на сивата економија, а не кон воведување нови оптоварувања за компаниите, кои, главно, ги плаќаат субјекти кои се наоѓаат на белата листа како даночни обврзници.