„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Плакета за претседателот Азески и плакета до Стопанската комора

21.09.2026

| Новости

Регионалната школа за срцева слабост додели две плакети како благодарност за поддршката за одржување на овогодинешната втора конференција. Првата благодарност до Стопанска комора и втората, посебна плакета за претседателот Азески, со надеж дека оваа меѓународна конференција ќе продолжи да се организира и наредните години.

Срцевата слабост е чест медицински проблем и покрај намалената стапка на други кардиоваскуларни заболувања, честотата на појава на срцева слабост продолжи да расте, делумно поради зголеменaта старосна граница, а делумно поради подобрата стапка на преживување од другите кардиоваскуларни заболувања. 

Следејќи го овoј проблем, Европското кардиолошко здружение според новите препораки препорачува пациентите со срцева слабост да се третираат врз основа на мултидисциплинарен програм и приоритети. 

Континуираната едукација на кардиолозите и средниот медицински персонал е неопходна за да се овозможи адекватно медицинско згрижување на пациентите, во различни земји. 

Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најрепрезентативна деловна асоцијација во земјата, на иницијатива на Македонското здружение по кардиологија со своја поддршка втора година по ред се вклучи во организацијата на Регионалната школа за срцева слабост, гледајќи ја оваа иницијатива како можност за поширок општествен придонес кон јавното здравје и за подигање на свеста за важноста на превенцијата, особено кај стопанствениците, како ризична група подложна на срцеви заболувања.

Настанот претставуваше иницијален чекор кон воспоставување на долгорочна соработка помеѓу Комората и Македонското здружение по кардиологија на полето на превенција од срцева слабост кај менаџерите, како ризик група која е изложена на 4 пати поголем ризик од срцева слабост.

 

Во насока на воспоставување на врвна едукативна програма за срцева слабост – Регионална школа за срцева слабост, иницирано е воспоставување на партнерство со Европското кардиолошко здружение и едни од водечките европски кардиолошки истражувачки и образовни центри - Центарот за срце од Цирих и Центарот за срце од Лондон, која ќе понуди споделување на нови научни сознанија од водечките европски експерти од областа, како и интерактивна и практична едукација, со цел за унапредување на познавањата за дијагностика и менаџирање на пациентите со  срцева слабост. 

Второто издание на Регионалната школа за срцева слабост се одржа во Скопје на крајот на минатата недела, во соработка со Европското кардиолошко здружение и Европската асоцијација за срцева слабост, а огромен придонес во организација на школата и оваа година беше присуството на актуелниот претседател Проф. д-р Томас Лушер. Школата ќе биде лиценцирана и валидирана како официјален едукативен настан во рамките на здружението.