„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во воведното излагање на конференцијата организирана од Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), под мотото „Под водство на човечките ресурси: Моделирање на промените кон вредност“ („UNDER THE HR HAT: Modeling Change to Value“.), претседателот на Стопанската комора Бранко Азески акцентот го стави на важноста од вложување во кадарот во компаниите и потребата од доживотното учење.
Пред присутните претставници од учесниците пред се од секторот човечки ресурси од компаниите, посочи дека - луѓето се тие што се одговорни за создавање развој, а не ѕидовите што ги опкружуваат. Токму затоа инвестициите на компаниите треба да бидат насочени кон кадарот и модели на доживотно учење бидејќи промените се движат со голема брзина. За мене, вели Азески редовниот и постојан образовен процес е предуслов да се биде дел од општеството. А останатото е само живот, долго учење, само учење, учење и учење. Само оние компании кои ќе се посветат на доживотното учење ќе одат напред. Приоритет на нашите активности останува да биде едукација за барањата и потребите на развојот на бизнисот.
Претседателот на СКСМ вели - ги поминавме првата, втората и третата индустриска револуција, а сега навлеговме во последната. За што станува збор, каков е концептот и која е суштината на оваа последна индустриска револуција? Станува збор за револуција која се фокусира на вештачката интелигенцијата која после 2023 година има масовна примена во сите сфери од животот. Ако сакаме да постигнеме нешто позитивно, потребни се неколку работи. Јасна цел, која ќе биде разбирлива за сите нас. Луѓе кои можат да ја остварат таа цел. И пари, бидејќи без пари не можеме да постигнеме ништо.
Оваа година Асоцијацијата слави осумнаесет години постоење и како пололетна манифестација го поставува прашањето: не само што се менува HR, туку многу е важно како HR може активно да ја моделира промената и од неа да создаде вредност.
Во услови на недостиг од талент, забрзана дигитализација и развој на вештачката интелигенција, ова повеќе не е прашање на иднината, туку реалност со која организациите веќе се соочуваат, вели Дарко Петровски, претседател на МАЧР, на самиот почеток.
Прашањето повеќе не е само како HR да ги поддржи промените во организацијата, туку и како да помогне тие да создадат мерлива вредност за луѓето и за бизнисот.
Конференцијата и годинава собра HR-професионалци, бизнис-лидери, експерти, академски претставници и други професионалци кои активно ја обликуваат иднината на работата. Посебен фокус беше ставен на практични пристапи што можат да им помогнат на организациите да го планираат и развиваат човечкиот капитал, да ги унапредат своите HR-процеси и да ја користат технологијата како поддршка, а не како замена за човечкиот фактор.
Меѓу говорниците на конференцијата беа и Адам Костис, партнер и помошен директор во The Boston Consulting Group, Анамарија Наѓ, раководителка за човечки ресурси во The Magnum Ice Cream Company, Мерсиха Мима Мехиќ, главна извршна директорка на Alma Career BH, како и други докажани меѓународни и локални HR-и бизнис-лидери.