„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Како македонските производствени компании да станат уште поконкурентни на меѓународните пазари, полесно да доаѓаат до нови странски клиенти и да го претворат извозниот потенцијал во долгорочен раст? Ова беа главните прашања на панел-дискусијата „Извоз надвор од границите: поттикнување на растот во металната и електроиндустријата“, што се одржа во рамките на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026, под модераторство на Анета Димовска.
Во дискусијата учествуваа Зоран Илиевски, главен оперативен директор и менаџер за развој на бизнисот во „Актива“ ДОО Штип, Ангел Анѓушев, оперативен директор на Green Machines во „БРАКО“, Катерина Здравеска, извршна директорка на KAZ Group, и Евгенија Ангеловска, извршна директорка на „Ламинати Ком“ и потпретседателка на Клубот на извозници при Стопанската комора.
Различните искуства на компаниите – од производство на метални компоненти и електрични комунални возила до специјализирани производи за водоводната инфраструктура и технички композитни материјали – овозможија да се разгледаат предизвиците на извозот од повеќе перспективи.
Една од централните теми беше што ги мотивира странските купувачи да изберат македонска компанија и што е потребно за таа соработка да прерасне во долгорочно партнерство. Покрај цената, сè поголемо значење имаат квалитетот, техничката експертиза, сигурноста во испораката, исполнувањето на меѓународните стандарди и способноста на производителите да одговорат на специфичните потреби на клиентите.
Посебно внимание беше посветено на зголемените барања на европските пазари во однос на одржливоста, стандардите и влијанието на производството врз животната средина. Овие барања претставуваат дополнителен предизвик за извозниците, но и можност компаниите да ја зајакнат својата конкурентска позиција преку модернизација и технолошки развој.
Вториот дел од дискусијата беше посветен на пристапот до странските пазари и процесот на стекнување нови клиенти. Беа разгледани предизвиците со кои се соочуваат компаниите при влез на нов пазар, од пронаоѓањето соодветен деловен партнер и исполнувањето на техничките барања до градењето доверба и добивањето на првата нарачка. Саемите, деловните мисии и директното вмрежување беа издвоени како важни можности за воспоставување контакти. Сепак, претворањето на тие контакти во конкретни договори бара континуирана комуникација, професионален пристап и способност компанијата да ја докаже својата производствена и техничка компетентност.
Искуствата на компаниите покажуваат дека извозниот успех не се случува преку ноќ, туку се гради низ процес на докажување, исполнување на договореното и создавање доверливи партнерства.
Поголема додадена вредност како следен чекор во извозниот раст
Во фокусот на завршниот тематски дел беше прашањето како македонските компании да го зголемат извозот, но истовремено да се движат кон производи и услуги со поголема додадена вредност. Во завршниот дел од дискусијата, панелистите се осврнаа и на тоа кои промени и мерки би имале најголемо значење за македонските производствени компании во следните две години. Во фокусот беа подобриот пристап до нови пазари, поддршката за исполнување на меѓународните стандарди, финансирањето на инвестициите, развојот на кадарот и можностите за деловно поврзување.
Заклучокот од дискусијата е дека извозната конкурентност не може да се гради само врз основа на цената. Таа бара постојано унапредување на квалитетот, специјализирано знаење, технолошки развој и сигурност во исполнувањето на потребите на клиентите.
Истовремено, за одржлив извозен раст е важно компаниите да се движат кон посложени производи и решенија со поголема додадена вредност, да ја зајакнуваат својата позиција во меѓународните синџири на снабдување и да градат долгорочни партнерства. Сертификацијата, стандардизацијата и модернизацијата се важни, а автоматизацијата и дигитализацијата неопходни за натамошен раст на компаниите, вклучително и на нивниот извоз. Развивање на индустриска култура и професионалната етика на вработените во компаниите се неопходни, како и вмрежувањето со универзитетите со цел да создаваат добро обучен кадар за потребите на компаниите.
Пораката од панел-дискусијата на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 е дека македонските производствени компании имаат простор за понатамошен раст на меѓународните пазари, но следниот чекор бара стратешки инвестиции во транспортната и енергетската инфраструктурата, олеснување на извозните постапки, радикално намалување на административните пречки во државата и субвенционирање на одредени извозни активности за истражување и настап на странски пазари.