Во организација на Стопанската комора на Македонија и Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико на 26 ноември 2026 година, во хотелот „Салида“ во Прилеп, се одржа вториот саем за вработување. Активно учество и поддршка на настанот дадоа Регионалната комора со седиште во Прилеп и Регионалната комора со седиште во Битола.
Саемот го отвори м-р Никола Димковски, експерт во Регионалната комора Битола, кој во своето обраќање го истакна недостигот на работна сила како еден од најзначајните предизвици за македонското стопанство, нагласувајќи ја потребата од поголема поврзаност меѓу компаниите, институциите и организациите кои работат на вклучување на невработените лица на пазарот на трудот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од активирање на домашниот работен потенцијал, со вклучување на лицата од ранливите категории и припадниците на малцинските заедници, како и на создавање реални можности за нивно вработување и економска интеграција. Саемот претставуваше можност компаниите од Прилеп, Битола и поширокиот регион непосредно да се сретнат со лица кои бараат работа, да ги презентираат своите потреби од работна сила, да спроведат разговори и интервјуа и да воспостават контакти со потенцијални кандидати за слободните работни позиции
Во услови на зголемена флуктуација на работната сила, иселување и сè поголема неусогласеност меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, ваквите активности имаат особено значење за поддршка на компаниите и подобрување на можностите за вработување на домашното население.
Стопанската комора, преку своето учество, ја потврдуваат посветеноста на регионалната соработка и поддршката на компаниите во надминувањето на предизвиците поврзани со обезбедувањето квалитетна работна сила.
Саемот, кој се одржува неколку години по ред, е дел од пошироките активности за поврзување на работодавачите со домашниот пазар на трудот, поттикнување на инклузивно вработување и создавање услови за поодржлив економски развој.
Пораката од настанот е јасна: домашниот човечки потенцијал претставува значаен ресурс за развојот на компаниите и економијата, а неговото активно вклучување бара заедничка соработка, конкретни активности и долгорочна посветеност.