„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЈАВЕН ПОВИК за финансиска поддршка на процесите на дигитализација во компаниите

25.11.2022

Комисијата за финансиска поддршка на процесите на дигитализација во компаниите, како заедничо работно тело на Стопанската комора на Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и на „Хелветас“, швајцарска интеркооперација со подружница во Скопје, во согласност со правилата за организирање и за спроведување на постапката за финансиска поддршка на процесите на дигитализација во компаниите, бр. 02-623/3 од 31.5.2022 година, и со одлуката за измени и за дополнувања на правилата за организирање и за спроведување на постапката за финансиска поддршка на процесите на дигитализација во компаниите, бр. 02-784/4 од 12.7.2022 година, објавува

ЈАВЕН ПОВИК
за финансиска поддршка на процесите
на дигитализација во компаниите
1. ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ
1.1. Општи цели на финансиската поддршка се насочување спрема компаниите, помагајќи им во зголемувањето на нивната конкурентност, преку еден партнерски однос на Стопанската комора на Северна Македонија, Владата на РС Македонија и на „Хелветас“, швајцарска интеркооперација, подружница во Скопје, градејќи заеднички посакувана цел – конкурентна македонска економија. Партнерскиот однос подразбира трите партнери заеднички да се вклучат во субвенционирањето и во примената на современите дигитални системи во македонските компании, за компаниите да се поттикнат на инвестиции кои ќе значат унапредување на нивните дигитални процеси, применувајќи деловни софтвери кои се лидери во индустријата за дигитализација. Преку субвенционирање со одреден процент во примената на SAP-системите во македонските компании, градејќи концепт на интелигентно претпријатие (Intelligent Enterprise), решенија кои ги следат најновите трендови на компаниите од сите дејности и кои се светилник во ерата на дигиталната трансформација, ќе се даде активен придонес и силно ќе се влијае врз продуктивноста, врз зголемувањето на ефикасноста, врз вработувањата и врз ефективноста во бизнисот.
1.2 . Целна група
Финансиската поддршка е наменета за дигитална трансформација на средни и на големи претпријатија со доминантна македонска сопственост (минимум 51 % македонски капитал), чие седиште е во Република Северна Македонија, со единствена цел да се зголеми нивната конкурентност на домашниот и на странскиот пазар, преку зголемена продуктивноста, профитабилност, ефикасноста и ефективноста во бизнисот.
1.3. Времетраење на примената на SAP-системите
Времетраењето на примената на SAP-системите кај апликантот од САП-добавувачот може да биде најдолго до 18 месеци, сметано од денот на потпишување на договорот.
2. КРИТЕРИУМИ ЗА ПОДОБНОСТ НА АПЛИКАНТОТ И ТРОШОЦИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ
2.1 Критериумите за подобност на апликантот се утврдуваат како општи, посебни и како критериуми за евалуација на апликациите
Општи критериуми за подобност на апликантот се:
· да е трговско друштво основано во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
· да е среден трговец со просечен број на вработени до 250 или голем трговец со просечен број на вработени над 250;
· да е правен субјект со доминантна македонска сопственост (минимум 51 % македонски капитал) со седиште во Република Северна Македонија;
· да има позитивен финансиски резултат остварен во 2021 година;
· просечениот број на вработени, остварениот финансиски резултат и другите финансиски показатели за работењето на апликантот се утврдуваат во согласност со финансиските извештаи за последната календарска година.
Посебни критериуми за подобност на апликантот се:
· против него да не е поведена стечајна постапка или постапка за ликвидација;
· да има подмирени доспеани обврски на основа на јавните давачки и придонеси;
· да е членка на Стопанската комора на Северна Македонија;
· против него да не се започнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
· да го одржува системот најмалку 3 (три) години од денот на неговата примена.
Критериуми за евалуација и за избор на апликации се:
- очекувани ефекти од зголемувањето на продажбата со дигитализација на производството и/или со дигитализација на услугите;
- очекувани ефекти од зголемувањето на профитот со дигитализација на производството и/или со дигитализација на услугите;
- очекувани ефекти од зголемувањето на ефикасноста и на ефективноста низ автоматизација на деловните процеси во компанијата;
- очекувани ефекти од зголемувањето на конкурентноста;
- очекувани ефекти од зголемувањето на извозниот потенцијал;
- очекувани ефекти од намалувањето на трошоците на работењето;
- очекувани ефекти во делот на поефикасното планирање и управување.
Очекуваните ефекти во процесот на апликација апликантот ги изразува описно и/или апсолутно, во износ или во процент.
2.2. Подобни трошоци за финансирање
1. Примена на деловниот софтвер SAP, како што се ERP-системите, системите за дигитализација на деловните процеси, за едукација, за човечки ресурси, HR-системи итн., што подразбира:
· подготовка на проектот (Project Preparation);
· едукација и тренинг на клучни корисници;
· концептуален дизајн (Business Blue Print);
· едукација и тренинг на вработените корисници на системот;
· реализација (Realisation);
· завршни подготовки (Final Preparation) и миграција на податоци;
· едукација, подготовка на вработените за преминување кон продукција;
· преминување кон продукција (Go Live) и поддршка на постпродукција.
2. SAP-лиценци
2.3 . Неподобни трошоци за финансирање
· Набавка и инсталација на хардвер
· Одржување на SAP-лиценците
· Трошоци за вработените
· Сите други трошоци што не се наведени во точка 2.2.
· ДДВ и други даноци и придонеси
3. АПЛИКАЦИЈА СО ПРИДРУЖНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Образецот за апликација со потребната документација може да го подигнете од tuka: SAP.zip, или да го добиете преку електронска пошта, по претходно поднесеното барање на електронската адреса наведена во точка 7 од овој јавен повик.
Документацијата поврзана со апликацијата, како и целата кореспонденција се на македонски јазик, со користење на неговото кирилско писмо. Придружните документи и печатената литература кои се дел од понудата може да бидат на друг јазик, со превод на македонски јазик.
4. ИЗНОС НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА
Со овој јавен повик се обезбедува финансиска поддршка до 50 % од подобните трошоци за финансирање на инвестицијата во примената на деловниот софтвер SAP, но максималниот износ за поединечен корисник, компанија, не смее да надмине 18.400.000,00 (осумнаесет милиони и четиристотини илјади) денари.
5. НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈАТА
Апликацијата, во еден оригинален примерок на образец за апликација, треба да биде заверена и потпишана од одговорното лице на апликантот.
Апликацијата, заедно со потребната придружна документација, се испраќа/доставува во затворено плико, кое треба да ја носи ознаката не отворај, во архивата на Стопанската комора на Северна Македонија на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13 – Скопје.
Во средината на пликото треба да стои:
Стопанска комора на Северна Македонија – за Комисијата за финансиска поддршка на процесите на дигитализација
6. ДАТУМ НА ОБЈАВА И КРАЕН РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИТЕ
Јавниот повик се објавува на 25.11.2022 година (петок) и трае до 28.2.2023 година (вторник) до 16 часот.
Поднесување на апликациите се врши во две фази
- Првата фаза започнува на 25.11.2022, а завршува на 31.12.2022 година, по што следува процес на оценување и на избор на поднесените апликации од првата фаза.
- Втората фаза започнува на 1.1.2023 година, а завршува на 28.2.2023 година, по процесот на оценување и на избор на поднесените апликации од втората фаза.
7. ИНФОРМАЦИИ ЗА КОНТАКТ
За подетални информации во работните денови апликантите може да се обратат во Стопанската комора на Северна Македонија кај м-р Aнета Трајковска, претседател на Комисијата за финансиска поддршка на процесите на дигитализација, тел.: 02/3244-041, моб. 070/295-432, електронска адреса: aneta@mchamber.mk.
Бр. 02-1367/3
Скопје, 15.11.2022 година
 
Образец за апликација со потребната документација може да го подигнете од tuka: SAP.zip