„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

101- ГОДИНА НА КОМОРАТА

17.07.2023

НА ДЕНОТ НА ГОДИШНИНАТА, КОМОРАТА СО ЈАВНА ПОДДРШКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА

На годишнината, 101 година од коморското организирање во нашата држава, на 14.07.2023 година, делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески реализираше работна средба со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.  
На приемот кој беше организиран во Кабинетот на претседателот Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во Вила Водно во Скопје, од страна на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески беше претставена актуелната состојба во која што се наоѓа бизнисот и земјата во целина и се побара поддршка за иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија “Декларација за економски реформи, политики, мерки” која Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија ја усвои на 100-годишнината (14.07.2022 година). 
Иницијативата е поттикната од бавниот реален раст на македонската економија, кој во периодот од 1993 до 2021 година просечно годишно изнесува само 1,7% , кој всушност го одразува и неуспехот на полето на образовниот систем, здравството, енергетиката, инфраструктурата, итн. И сето тоа придружено од нефункционирање на правната држава, непочитување на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Причините за ваквата повеќедецениска состојба се бројни, но меѓу најважните се отсуството на јасно дефинирана долгорочна визија за економски развој, отсуството на конзистентни долгорочни економски политики за реализација на таквата визија, длабоката и широко распространета политизација на општеството, а последица на севкупниот контекст на македонското општество е иселувањето на населението од земјава, коешто веќе не е мотивирано само од економски причини. 
На средбата се истакна потребата за поддршка во потпишувањето и на еден нов рамковен економски  договор, а тоа е договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваа во наредните најмалку десетина години, незвисно од која политичка партија ќе биде на власт, и да се поддржат врвните економски приоритети во нашата држава за да се обезбеди забрзување на економскиот раст.
Искажаната јавна поддршка, од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски на “Декларација за економски реформи, политики, мерки”  пред делегацијата на Комората составена од млади бизнис лидери,  е првиот чекор на патот за создавање подобра иднина на македонската економија. Така ќе започне процесот на враќање на надежта кај граѓаните дека работите можат да тргнат кон подобро со заеднички, здружен пристап на сите чинители во земјата, за што, како бизниз заедница сме благодарни и подготвени да го дадеме нашиот придонес.