„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕЗЕНТИРАНИ МОЖНОСТИТЕ И ПРОДОБИВКИТЕ ОД СОЗДАВАЊЕТО НА ЗАЕДНИЧКИОТ РЕГИОНАЛАН ПАЗАР ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

15.09.2023

Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во рамки на Проектот: “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД),  пред извозните компании ги презентираше можностите што произлегуваат од  Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан, во насока на продлабочување на регионалната деловна соработка и олеснување на трговските бариери, со цел интернационализација на македонскиот бизнис сектор.

Пред присутните, д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на КИФ, ги претстави тековните и идните активности во рамки на Заедничкиот регионален пазар (CRM – Common Regional Market). Целта на Заедничкиот Регионален пазар е да се зајакне конкурентноста на компаниите од ЗБ на европскиот и светскиот пазар, да се интегрира пазарот кој го сочинуваат 18 милиони луѓе, да се подобри интеграцијата на економијата на ЗБ во европските вредносни синџири, да се зголеми потенцијалот за раст на БДП од 6.7%, како и да се позиционира ЗБ како еден регион за странски инвестиции со предност во намалувањето на растојанието до пазарите на ЕУ (производствени капацитети и синџири на снабдување).
За компаниите Заедничкиот регионален пазар нуди значителни придобивки особено во делот на целосно признавање на документи за извоз, професионални квалификации и лиценци за цел регион, намалување на времето на чекање на граничните премини за 70%, отворање на Зелените ленти и коридори во рамки на регионот и ЕУ, намалени трошоци при плаќања во регионот, регионален пазар за е-трговија, укинување на услови за работна дозвола за меѓукомпаниски трансфери и даватели на услуги , регион без трошоци за роаминг и намалени трошоци за роаминг меѓу ЗБ и ЕУ, регионална шема за поддршка на стартапи и иновации во ран развој финансирана од јавен и приватен сектор, заемно признавање на електронски потписи, како и други форми на е-идентификација на доверба засновани на важечката регулатива на ЕУ-истакна д-р Штерјова Душковска. 
Таа потенцираше дека во рамки на Европската комисија во тек е подготовка на нов план за раст на Западен Балкан, кој ќе биде претставен во октомври 2023 година, а се заснова на 4 клучни столбови: 1) приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ; 2) продлабочување на регионалната економска интеграција; 3) забрзување на основните реформи и 4) зголемување на претпристапните фондови во ЗБ.
Во процесот се вклучени Стопанската комора на Северна Македонија и КИФ преку изнесување на предлози за забрзана интеграција на компаниите од регионот кон единствениот пазар на ЕУ.
На настанот, Марко Мандиќ, експерт за трговија во ЦЕФТА Секретаријатот ја презентираше целокупната работа и важноста на ЦЕФТА Секретаријатот во процесот на приближување на регионот кон ЕУ. ЦЕФТА ги поддржува и ги олеснува процесите на ЗБ како што беше и примерот на приклучување на регионот кон зелените коридори за време на КОВИД пандемијата.
Во рамки на четирите слободи на Заедничкиот регионален пазар: намалување на трговските бариери, слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе. ЦЕФТА дополнително работи на воведување на Дополнителниот Протокол 7 на ЦЕФТА за воспоставување поефикасен механизам за решавање спорови (DSM- Dispute Settlement Mechanism). 
Механизмот за решавање спорови опфаќа консултации или преговарање, посредување/медијација и арбитража за да се олесни и забрза решавањето на споровите меѓу спорните страни. Дополнителниот протокол 7 ги регулира процедурите за посредување/медијација, правилата за консултации, процедурите за решавање спорови, процедурите за усогласеност, прегледот на усогласеноста и Кодексот на однесување за членовите на арбитражниот панел, покрај општите одредби во врска со роковите, трошоците и логистиката.
На настанот, Билјана Пеева-Ѓуриќ, проектен менаџер на проектот ги претстави активностите кои тековно се реализираат, како и активностите предвидени за наредната година во рамки на проектот. Таа ги повика извозните компании, сите прашања и проблематики поврзани со извозот да ги адресираат до Клубот на извозници, кои потоа ќе бидат доставени и разгледани на Националниот совет за извоз кој претставува главен механизам за јавно-приватен дијалог каде се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот.
Дополнително компаниите беа информирани и за четирите активни повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети кои се веќе објавени на Коморскиот веб сајт на следниот линк: Отворени повици наменети за извозни компании