„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПАДОТ ОД 21,8% ПОВИКУВА НА ИТНА РЕАКЦИЈА ЗА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР

22.09.2023

На последната редовна седница, Здружението за Градежништво, Индустријата на Градежни Материјали и Неметалите објавува загрижувачки информации за моменталната состојба во градежништвото. Податоците кои се од јавен карактер покажуваат драстичен пад во градежниот сектор, согласно волуменските индекси на производствениот метод, пад од -21.8%. Според истите податоци, во истото време минатата година падот изнесувал само 1%. Дополнително, податоците од јавен карактер откриваат дека бројот на вработени во градежништвото и платите имаат константен скок, при што платите во високо градбата се искачиле за цели 26%. Овие информации насочуваат кон сериозен проблем и секторот изразува сериозна загриженост.

Претседателот на Здружението, г-н Андреа Серафимовски, го нагласи овој предизвик и потсети дека сме ја предвиделе ваква ситуација во минатото. Константниот пад на градежништвото е резултат на неколку фактори како постпандемиски период, проблемите поврзани со администрирањето на отпочнатите капитални проекти, бариерите од правен аспект како недела неработен ден, незначителниот обем на распишани јавни набавки за градежни работи и ниската реализација на планираните тендерски постапки, зголемување на минималната плата, воведување на недела како неработен ден, се само дел од причините за состојбите.
Според присутните на седницата, оваа состојба веќе се чувствува на градежниот терен. Со цел за излез од оваа состојба и да се врати градежништвото на правилниот пат, присутните констатираа дека домашните градежни компании треба да бидат приоритет при реализацијата на капитални инвестиции. Само со таков пристап можеме да го израмниме негативниот пад и да го доведеме до позитивна нула.
Согласно останатите точки на дневниот ред, присутните се согласија со понатамошните активности на Здружението во проектните активности на Комората, вклучувајќи го учеството на годишната конференција, несебично вложување на стручните капацитети и работни состаноци за подобрување на состојбата во секторот.