„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Потпретседателот Георгиева-Јовевска, говорник на панелот: „Европско и национално законодавство поврзано со т.н.Зелен договор и целите за одржливост“

25.09.2023

На 25.09.2023 година, во х.Александар Палас во Скопје се одржа Националната конференција за одржливи енергетски вештини во градежништвото, организирана во рамки на проектот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни (SEEtheSkills)”. Конференцијата ја отвори Јадранка Аризанковска, проектен координатор од Стопанска комора на Северна Македонија која даде осврт на самиот Проект и неговата важност за стопанството. Од јули 2021 година Стопанската комора на Северна Македонија успеа да го стартува овој Проект кој трае три години и кој ќе има силен одраз во една јака индустриска гранка-градежништвото. Проектот „SEEtheSkills” се заснова на идејата да се олесни патот кон поголема видливост и пристапност на енергетските вештини, со цел да се придонесе за спроведувањето на зелената агенда на ЕУ со овозможување на одржливо градежништво. Проектниот конзорциум вклучува 10 партнери од 5 земји: Холандија, Северна Македонија, Словачка, Словенија и Шпанија, а спроведувањето го предводи Стопанската комора на Северна Македонија како проектен координатор.

Eден од панелите на Конференцијата беше на темата: „Европско и национално законодавство поврзано со т.н.Зелен договор и целите за одржливост“ кој го модерираше проф. д-р Христина Спасевска, од Факултетот за електротехника и информациски технологии-Универзитет „Св. Кирил и Методиј од Скопјеа говорници беа министерката за животна средина и просторно планирање на Владата на Република Северна Македонија, Каја Шукова, потпретседателката на Стопанската комора на Македонија и советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Здружението за енергетика при Комората, д-р Ристо Јаневски.
Во однос на тоа дали нашите компании се запознаени со целите за одржлив развој и “Зелениот договор и колку од нив активно се вклучени во нивното спроведување и она што е најважно дали имаат капацитети да ги користат фондовите за имплеменатција на таргетите во нив, како што е енергетска транзиција и нула загадувањето до 2050 година, Георгиева-Јовевска го подвлече следното:
Во Македонија има доволен број на институции кои секако ги запознаваат компаниите за активностите кои треба да се направат, првенствено за тоа дека следи адаптација на законската легислатива, преку обуки, настани и проекти како последниов со цел информирање за придобивките и вклучување на бизнис секторот во целиот овој процес. Без компаниите не може да се спроведе процесот”. Георгиева-Јовевеска потенцира дека ова што се случува денес не е нешто ново што Комората со своите партнерски институции го прави. Ова е продолжение на нашите активности кои повеќе од 10 години активно ги правиме во делот на проектите за енергетска ефикасност на зградите, а кои што од 2012 година се реализираа во рамките на BUILD UP SKILLS, преку европските фондови. За целиот овој период во рамките на претходните три проекти опфатени се околу 2.000 учесници од градежниот сектор (369 градежни професионалци, за 9 различни занимања, повеќе од 300 работници поминаа обука за градење на енергетски ефикасни објекти и повеќе од 1000 работници се здобија со сертификат за поседување вештини за енергетска ефикасност во градби врз база на моделот за препознавање на претходно стекнати вештини)Исто така од тогаш до сега беа реализирани и развиени тренинг шеми и проширување на обуките и на градежните професионалци - архитекти, инженери и техничари. Сето ова придонесе за подигнување на капацитетите на градежните работници за енергетска ефикасност во градби.
Сега, во рамките на “SEEtheSkills” проектот интензивно ќе се работи на креирање широка интегрирана база со податоци за сертифицирани работници, достапни обуки за енергетска ефикасност, компании кои вработуваат сертифицирани лица, како и на база на енергетски ефикасни материјали. Преку проектот во кој се користи нов 3В пристап за директно стимулирање, предвидено e да се постигне поголема видливост, пристап и препознавање на енергетските вештини меѓу партнерските земји, преку нивно вкрстено валидирање засновано врз резултатите од учењето. Основна цел на проектот е да ги подигне капацитетите на работната сила во градежниот сектор, работници, инженери и техничари, од областа на енергетската ефикасност.
Потпретседателката Георгиева-Јовевска на панелот истакна и дека сите цели кои ги има проеkтот се во согласност со “Зелениот договор” на Европската комисија. Вкупно околу 4.000 претставници од градежништвото треба да бидат опфатени со овој тригодишен проект: “SEEtheSkills” (Одржливи енергетски вештини во градежништвото- видливи, валидирани, вреднувани). Најважно е што преку проектот ќе бидат направени и анализи на постојните регулативи во сите пет земји и ќе бидат предложени измени и дополнувања на регулативите до владите, со цел овозможување на градежната индустрија непречено да гради енергетски ефикасни објекти, согласно најновите дигитални технологии и надградени вештини.
На панелот од страна на претставникот на Стопанската комора на Северна Македонија, Георгиева-Јовевска беше нагласено и дека како континуитет на овие проекти од исклучителна важност е приклучувањето на Северна Македонија кон програмата „LIFE“ (Програмата „LIFE“ на ЕУ е една од клучните европски програми, покрај програмата „Хоризонт Европа“, за периодот 2021 – 2027 година, преку која се финансираат програми од областа на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и природа и на биодиверзитетот). “Не смееме како држава, заради административни или други пречки да не им дозволиме на компаниите кои се спремни да учествуваат и да ги користат фондовите од оваа Програма-потенцираше потпретседателката.
Таа исто така кажа и дека т.н. Зелен договор е составен дел од стратегијата на Комисијата за спроведување на Агендата за 2030 година на Обединетите нации и целите за одржлив развој и другите приоритетиЗелената агенда има пет столбови: декарбонизација, циркуларна економија, отстранување на загадувањето, одржливи системи за храна и рурални области и биодиверзитет кои на земјите им нудат можности за отворање на нови работни места кои се квалитетни, во склад со природата и кои ќе овозможат развој во нови насоки. Сето ова за нас значи транзиција која мора да биде праведна и во која мора да бидат опфатени сите чинители. “Таа мора да ги стави луѓето на прво место при што треба да се обрне внимание на регионите, индустриите и работниците кои ќе се соочат со најголемите предизвици. Бидејќи тоа ќе донесе значителна промена, активното учество на јавноста и компаниите заради довербата во транзицијата е од најголема важност за политиките  да бидат прифатени. Од друга страна пак, со цел искористување на придобивки од Европскиот Зелен договор потребна е паралелна соработка на индустријата со националните, регионалните и локалните власти и граѓанското општество со институциите и консултативните тела на ЕУ”. “За компаниите во секој домен на работење секако дека е важна финнсиската поддршка, но исто толку важна е предвидливоста за нивните бизниси. Тоа значи дека кога државата ќе има поставена и усвоена (прифатена) на национално ниво Стратегија во одредена област (во чија подготовка еден од најважните чинители е бизнис секторот), компаниите ќе се прилагодат на истата, ќе ги планираат и своите трошоци и ќе знаат што ги чека во делот на реализација и имплементација на нештата-заклучи Георгиева Јовевска.
Во однос на фактот дека во светот сè повеќе се зборува за постигнувањето на целите за одржлив развој и “Зелениот договор дека е потребна дигитализација во сите сегменти на општеството (стопанството, админстрацијата, образованието и сл.) и како тоа во една мала држава како нашата може да се направи, Јелисавета Георгиева Јовевска го истакна следното:
Точно така, потребна е дигитализација во сите свери на општеството, преку системски и усогласен пристап. Потребна е синхронизација на сите чинители со цел постигнување резултати на среден рок. Македонија нема време за чекање, кризите како онаа со корона ни покажа дека можеме бргу да се прилагодиме кон промените (посебно тоа го покажаа компаниите кои навистина брзо се прилагодија) но и тоа дека ни е потребна системска стратегија а не ад хок решенија. Георгиева-Јовевска истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија смета дека инвестициите во дигитализацијата на услугите како и во технолошкиот развој се предуслов за развој и економски раст на земјата во следните години. Не е доволно да се направи дигитализација во еден сегмент (на пример само во образованието, здравството или само во приватниот сектор), туку потребна ни е Национална стратегија со точно дефинирани рокови и спроведување на зацртаното без разлика на политичката гарнитура на власт".
Лани е формиран Националниот совет за дигитална трансформација на општеството со кој раководи потпретседателката на Владата за политики за добро владеење и неговата цел е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи. Исто така Владата на Република Северна Македонија го усвои Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година со кој ќе бидат поддржани инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе овозможат подобрување на економската конкурентност и подобрување на квалитетот на животот, а главен фокус се неколку приоритетни области како што се: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија. Затоа, како Стопанска комора на Северна Македонија потребна ни е предвидлива регулатива, постигнување консензус околу приоритетите на државата со цел постигнување на економски напредок односно видливи резултати во блиска иднина. Потребен ни е кадар кој одговара на потребите на стопанството. Со тоа ќе добиеме поконкурентна економија, преку дигитализраните системи ќе се создадат процеси во кои корупцијата би се свела на минимум, ќе го задржиме највредното нешто во една земја а тоа е човечкиот капитал со што би дошле до израз вештините, знаењето и професионализмот”, заврши на панелот Георгиева-Јовевеска.