„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ВОДЕЊЕ БИЗНИС СО ЕУ – КАКО ДА СЕ ПОСТИГНЕ ПОИНТЕНЗИВНА ТРГОВСКА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ПОЛСКА

25.09.2023

 

Извозот во периодот кој следи треба да биде главниот мотор на економскиот раст на земјата, за што Стопанската комора презема серија активности во рамки на Проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција“ во партнерство со УСАИД, во чиишто рамки е изработена и Анализа за извозните потенцијали на македонската економија која јасно ги идентификува секторите во кои С. Македонија и Полска имаат најголеми можности за интензивирање на соработката.
„Со Република Полска имаме воспоставено соодветна правна рамка и исполнети се сите предуслови за унапредување на трговската размена, за зголемување на инвестициите, но би сакале да видиме променета слика во делот на обемот на размена и наспроти досегашниот тренд на континуиран трговски дефицит на наша страна, да направиме обиди за зголемување на извозот на македонски производи на полскиот пазар, но и размена и пренесување на искуства, кои би можеле да бидат од корист во понатамошниот развој на меѓусебните односи“ - истакна извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев на денешното отворање на конференцијата за интензивирање на соработката меѓу Р. Северна Македонија и Полска.
Согласно структурата на досегашната трговска размена доминираат производи од прехранбениот сектор, текстилниот, металниот и металуршкиот сектор, но постои можност за воспоставување на идна соработка и во други области како што се енергетиката, отпадот и пакувањето и ИТ секторот. Во моментов македонскиот извоз во Полска е високо концентриран. Имено, само 15 производи се извезуваат со вредност поголема од 1 милион долари, додека првите топ 25 извозни производи со најголема вредност учествуваат со 72% во вкупниот извоз на земјата во Полска.
Согласно емпириските анализи, неискористениот извозен потенцијал на Република Северна Македонија во Полска се околу 50 милиони долари во наредните 5 години, што значи дека се очекува извозот да достигне 140-150 милиони долари до 2027 година. Производи со најголем извозен потенцијал се: електрични делови и опрема, делови за автомобили, метални производи (челични лимови, метални цевки и профили), облека, примарно земјоделски производи, прехранбени производи, производи од пластика, лекови и други медикаменти, истакна Пешев.
Тој потенцираше дека Комората презема низа активности во насока на поголема помош, поддршка и подготовка на бизнисите во освојување на други пазари, склучување нови партнерства, во градење на нивната конкурентност, а сето тоа со цел извозот во периодот кој следи да биде главниот мотор на економскиот раст на земјата. Дел од овие активности Стопанската комора на Северна Македонија ги имплементира преку Проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција“ во партнерство со УСАИД, во чиишто рамки беше изработена и Анализа за извозните потенцијали на македонската економија која јасно ги идентификува секторите во кои С. Македонија и Полска имаат најголеми можности за интензивирање на соработката.
„Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам денес пред претставници на еминентни компании од две пријателски земји и се надевам овој настан ќе претставува отскочна даска за интензивирање и продлабочување на соработката во нагорна линија“- истакна амбасадорот на Р. Полска во Р.С. Македонија, Н.Е. Кшиштоф Гжелчик. Тој додаде дека двете земји имаат одлична соработка во секторот туризам, каде туристите од Полска се најмногубројни туристи во однос на другите земји од ЕУ, но дека сепак простор за соработка и во другите сектори постои и треба интензивно да се работи на зголемување на тој потенцијал.
„Полска отсекогаш била отворена за соработка со Северна Македонија и ја поддржува на патот кон ЕУ интеграциите. Од тие причини се надевам компаниите ќе најдат начин да соработуваат не само во делот на зголемување на трговската соработка, туку и во размена на знаење и поддршка за заеднички настап на светските пазари- додаде амбасадорот Гжелчик.
„УСАИД изгради силно партнерство со Северна Македонија изминатите 30 години. Нашата помош до народот на Северна Македонија се концентрира на откривање корупција, поддршка за интеграцијата на младите во граѓанското општество, како и на градење на силна економија. Ги поддржуваме стремежите на земјата за полноправна евроатлантска интеграција и работиме заедно со локалните чинители да ја оствариме таа цел. Блиската економска поврзаност со земјите-членки на ЕУ e иднината на Северна Македонија“- истакна г-а Џери Дајбл, директор на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.

Таа потенцираше дека денешниот форум нуди една уникатна платформа каде што полските и македонските компании може да споделат сознанија, да истражат можности и да се осврнат на предизвиците. Полската разнолика економија, регионалната економска интеграција и патеките за стабилен раст нудат модел на самостојност во еден сѐ по глобализиран пазар. Западната соработка за да се поттикнат чесните економски практики во исто време ќе го унапреди претприемништвото, инвестициите и создавањето нови работни места. Ги охрабри компаниите да ја разгледаат важноста на одговорните и иновативните трговски практики, да го увидат потенцијалот за проширување на трговска размена и соработка, но и придобивките за заедниците и за животната средина. „Економскиот раст мора да биде одржлив ако сакаме да пренесеме просперитет на генерациите што следат. Затоа, фокусирајте се на долгорочни решенија, наместо на краткорочни добивки“- посочи директорката Дајбл.
Во своето обраќање пред присутните, потпретседателот на Долношлеската стопанска комора, Мариуш Жебровски, истакна дека ова е прва ваква мисија на комората од Долношлепскиот регион и се надева дека во иднина ќе се организираат уште вакви успешни настани со уште поголем број на учесници од двете страни. Тој додаде дека воспоставувањето на бизнис релациите зависи пред се од комуникацијата и вмрежувањето на претставниците од бизнис заедниците без разлика колку се тие големи или мали. 
„Во Полска поголемиот број на регистрирани компании се мали и средни, но се најзначајните креатори на економијата кои процентуално најмногу придонесуваат за раст на домашниот БДП.  Бизнисот го креираат луѓето, а администрацијата е таа што треба да ги поддржи. Од тие причини ние како Комори, претставници на стопанството, играме клучна улога во постигнувањето на овие цели“- додаде Жебровски. 
„Извозот е главен двигател на економскиот развој и е од клучно значење за подобрување на меѓународната конкурентност на земјата. Уште поважно е да се нагласи дека кога станува збор за помали економии како нашата – извозот е нај изводлива алтернатива за растот за компаниите. Имајќи го предвид значењето на извозот во македонската економија, поврзувањето со економиите на соседните и европските земји станува многу важно. Самата извозна активност носи придобивки како што се зголемени продажби, профити, промет и намалена одговорност кон пазарните флуктуации, генерира ново знаење и искуство, така што бизнисите полесно поднесуваат кризи и неред на пазарот“- истакна Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции.
По официјалниот дел на конференцијата, од страна на Кшиштоф Пшилуцки, раководител на управата за надворешна трговија на Полската агенција за инвестиции и трговија беа направени кратки презентации на полските компании по што се реализираа и  поединечни деловни средби меѓу претставниците на македонските и полските компании.
Настанот се организираше во рамки на „Проектот за поддршка на регионалната интеграција на приватниот сектор“ (ПСРИСА) што се спроведува во партнерство со Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Полската амбасада во Скопје, Полската агенција за инвестиции и трговија (ПАИХ), Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот и Долношлеската стопанската комора.