„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

РАСТ НА ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ДЕЈНОСТ И ОПАЃАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКАТА ДЕЈНОСТ ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН

27.10.2023

Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора, во Струмица, ја одржа петтата по ред тркалезна маса, од серијата планирани тркалезни маси, на тема „Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизниси“. На тркалезната маса беа презентирани наодите од идентификацијата на понудата и побарувачката на вештини на регионално и локално ниво со фокус на  Југоисточниот плански регион и услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети - обезбедување функционално и пазарно ориентирано стручно образование и обука и обезбедување стручен кадар кои ќе продуцира квалитетни производи и услуги, конкурентни на надворешните пазари.

Тргнувајќи од фактот дека движењата на понудата и побарувачката на работна сила имаат клучно значење за идните планирања за одржливост на продуктивноста и развој на компаниите, Советот за унапредување на тренингот и обуките  во своите предвидени активности врши прибирање податоци и анализа на истите, а податоците, информациите и наодите се основа за информирано одлучување и планирање на идните активности на компаниите, како и за развивање и за обезбедување вештини и квалификации на кадарот потребен на реалниот сектор.
Појдовна основа за дискусија се наодите од „Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион) во Северна Македонија“ изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“.
На тркалезната маса присуствуваа претставници од бизнис секторот и директорите од средните стручни училишта од Струмица и Богданци, преставници од факултетите од УГД и Агенцијата за вработување.
Југоисточен регион:
1.     Регионалниот развоен индекс за Југоисточниот регион (последни официјални податоци за петтогодишниот период 2013-2017 година) изнесува 0,97, што во споредба со предходните 5 години  покажува остварен многу мал напредок од 0,08. Ова е индикатор за мали позитивни социо-економски и пред сè демографски промени во овој период.
2.     Бројот на населението за 10 години (пред Пописот на население, 2021 година) не е многу променлив, и покажува само благо зголемување од 171163 на 171875 лица, но пописните резултати покажуваат дека Југоисточниот регион  во 2021 година имал население од 148387 лица и намалено учество  на младото население или 15.8 % (националниот просек е 17%) и зголемено учество на старото население 18.9% ( националниот просек е 17.2%).
Наод: Со намалување на бројот на населението се намалува и бројот на работоспособното население во овој регион што не оди во прилог за продуктивноста на компаниите и очекувани подинамични позитивни промени во регионалниот развој.
3.    Доминантнантно учество во работоспособното население имаат лицата на возраст од 35-39 години.
Наод:  Ваквата старосна структура укажува на доминација на повозрасните групи во структурата на работната сила и со тоа очекувано намалување на работоспособното население во овој регион. За да не се испушти работниот потенцијал потребни се процесите на преквалификација и доквалификација на работоспособното население.
4.     Според официјалните статистики, надворешната миграција од овој регион не е многу голема, и покрај трендот за отселување на младите од нашата земја. Вредноста на миграционото салдо на надворешната миграција изнесувала (- 58) во 2019 година, а во 2022 година е 69. Овие промени покажуваат процес на поголемо доселување во регионот од бројот на отселувања.
Наод: Надворешната миграција е фактор кој има големо влијание врз понудата и побарувачката на работна сила и реалното планирање на понудата на вештини на пазарот на трудот. Податоците покажуваат дека надворешните миграции од овој регион се многу мали од причина што како официјални податоци се водат само оние лица кои се официјално пријавени дека заминуваат од земјата. Од друга страна имаме позитивно миграционо салдо што се должи на увозот на работна сила од други држави што на долг рок не е добар тренд за нашата држава.
5.     Внатрешната миграција е стабилна и нема одлив на население од овој регион во другите региони.
6.     Стапката на слободни работни места која претставува однос помеѓу слободните работни места и збирот на слободните и пополнетите работни места е релативно ниска и е пониска во споредба со другите региони во земјава и за последните десет години има негативна стапка на слободни работни места која изнесува (- 0.011). Според направените прогнози се очекува, и  во наредните 10 години, стапката  уште повеќе да  се намалува.
7.     Стапката на невработеност е најниска во однос на другите региони и изнесува 6.3, а се прогнозира нејзино намалување и во следните 10 години.
Наод: Имајќи го предвид намалувањето на слободните работни места,  ниската  стапка на невработеност може да се должи пред сè на демографските промени т.е. на одливот на младото население од овој регион, како и на старосната структура во регионот.
8.     Доминантни дејности: прехранбената и земјоделската дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката дејност брзо ќе расте, додека земјоделската дејност ќе опаѓа, иако останува доминантна до крајот на наредната деценија.
Наод: Растот на преработувачката индустрија ќе бара унапредување и проширување на капацитетите за образование и обука за квалификации потребни според конкретните видови на преработувачка индустрија, како и  за земјоделската дејност која иако опаѓа, сепак останува доминантна дејност и во следните 10 години.
9.     Главни растечки сектори за наредните 10 години  во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија, трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање и градежната индустрија.
Наод: Растот на секторот на трговија на големо и мали и поправка на моторни возила и моторцикли се забележува во југоисточниот и скопскиот регион, а концентрацијата во овие два региони најверојатно е поврзана со комуникациските можности.
10.       Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се земјоделство, лов и шумарство и рибарство и информации и коминикации, додека рударството и вадењето камен е веќе  загрозен сектор.
11.  Дефицитарни квалификации: сточар, мeсопреработувач, автомеханичар, конфекциски техничар, помошник одржувач на чадоводна инсталација, продавач – референт за продажни услуги, конфекционер, автоелектроничар, електротехничaр, електромеханичар, електромеханичар за компјутерска техника и технологија, цвеќар, столар, пекар, машински механичар, обработувач на метал, заварувач, архитектонски техничар, градежен техничар, техничар дизајнер за внатрешна архитектура и графички техничар.
Наод: Дефицитарните квалификации се претежно од средното стручно образование и се однесуваат претежно на квалификации од секторот хемија и технологија; земјоделство, ветеринарство и рибарство; градежениот сектор, електро и машинскиот сектор.
12.     Бројот на активни деловни субјекти  изнесува 5597, но е намален во однос на преходните години. Најголем број на активни деловни субјекти се микро компаниите, чиј број изнесува 4625, додека најмал број се големите компании чиј број изнесува 12.
Наод: Намалувањето на бројот на деловни субјекти се јавува кај големите и средни компании кои згаснуваат, а се зголемува бројката кај микро и малите претпријатија  што не е добро за економијата во целост.
13.   Доминантна економска моќ во овој регион имаат градовите Струмица со 2303 активни деловни субјекти, од кои само 4 се големи компании; Гевгелија со 1143 активни деловни субјекти, од кои 3 се големи компании и Радовиш со 793 активни деловни субјекти со 2 големи компании.

 

Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
ØДа се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побараувачката на вештини;
ØДа се воспостави и развива аналитички пристап во следење на понудата и побарувачката и од страна на бизнис секторот, но и од носителите на политички одлуки, посебно во општините;
ØДа се обезбеди снабдување со вештини (стручни и трансверзални) преку образовните програми во формалното образование согласно со потребите на растечките сектори во секој од регионите, идентификувани во анализата. Клучен сегмент за реформите треба да биде воспоставување на Регионални центри за стручно образование и обука како столб за поврзувањето на бизнисот и образованието на локално и регионално ниво.
ØДа се подобри врската помеѓу компаниите и стручните училишта со зајакната практична обука насочена кон клучните вештини и компетенции потребни на компаниите. Со зајакнатото поврзување на образованието и обуката и со зајакната практична настава насочена кон потребите на компаниите, во непосредната поврзаност треба да се обезбеди поизвесно вработување на лицата со средно стручно образование веднаш по завршувањето на образованието и да се избегне процепот во поврзувањето на понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот.
ØДа се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување.
ØДа се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во прехрамбениот и градежниот сектор кои ќе бидат растечки во наредните 10 години.