„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржани МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2023 година

12.11.2023

Од 10 до 12 ноември 2023 година во ОСУ Ацо Русковски во Берово се одржаа “44-тата Меѓународна изложба за иновации, пронајдоци, патенти, дизајн, идеа, нови производи и технологии, трговски марки, истражувачки проекти и младинско творештво-МАКИНОВА 2023” и “21-вата Меѓународна изложба за еколошки иновации и истражувачки проекти, ЕКОНОВА 2023”.

Настанот го отвори заменик на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Оваа манифестација која годинава се организираше по повод Светскиот ден на науката беше одржана под покровителство на претседателот на нашата држава, Стево Пендаровски, а партнерски институции беа: Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина, Министерството за економија, општина Берово, Стопанската комора на Северна Македонија, Заводот за индустриска сопственост и Друштвото за интелектуална сопственост-Берин.
Стопанската комора на Северна Македонија која е традиционален партнер на СПАТУМ годинава беше претставувана преку потпретседателот на Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска која воедно беше и дел на оценувачката комисија за избор на најдобрите основци, среднисти, категорија возрасни-поединци и фирми во рамките на ЕКОНОВА 2023.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска во име на Стопанската комора ги додели наградите на компаниите во двете категории, односно во МАКИНОВА И ЕКОНОВА (во двете категории беа доделени златна, сребрена и бронзена плакета).
Во своето обраќање Георгиева Јовевска ја поздрави упорноста и ангажираноста на СПАТУМ и Народна техника кои одбележуваат 75 годишен јубилеј и им честиташе за се' што прават во делот на техничкото воспитување на младите како значајна компонента во образованието и севкупниот културен развој на младата личност. На тој начин се создаваат генерации на млади кадри кои се посветени на научно-истражувачката дејност.
Развојот на секоја држава освен тоа што се потпира на формалното треба да се потпира и на неформалното образование, преку настани, едукации и слично на кои се стекнуваат нови знаења и вештини.
Затоа, потпретседателот Георгиева Јовевска ги охрабри сите кои беа дел од овогодинешната манифестација да продолжат со своето образование од една страна, но и со стекнување на дополнителни вештини од друга страна. Таа подвлече дека на стопанството му треба кадар кој ќе биде така профилиран да може многу брзо односно, за најмалку една година да биде целосно интегриран во процесот на работата на компанијата.
Стопанската комора на Северна Македонија е дел на активностите во рамките на дуалното образование и цени дека кадарот е една од најважните клетки во стопанството, односно кадарот претставува најголемата додадена вредност за една компанија.
Оваа година на МАКИНОВА и ЕКОНОВА покрај учесници од нашата држава имаше и учесници од Црна Гора, БиХ и Бугарија.
Овие манифестации им овозможуваат на сите иноватори да ги презентираат своите пронајдоци и научни истражувања, а истовремено претставуваат платформа за размена на искуства и визии. Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија-СПАТУМ е носител на јавно овластување за вршење на дејности во областа на техничката култура. Една од најзначајните активности за анимирање и промовирање на иновативното творештво во Македонија која СПАТУМ ја организира се настаните МАКИНОВА И ЕКОНОВА.