„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ГРАДЕЊЕ ОТПОРНОСТ ПРЕКУ ЕФЕКТИВНО ПЛАНИРАЊЕ НА ДЕЛОВНИОТ КОНТИНУИТЕТ

04.12.2023

Преку стратегија за вонредни ситуации како најдобар облик на заштита на бизнисите, Стопанската комора заедно со УНДП се вклучуваат во заеднички активности за “градење отпорност преку ефективно планирање на деловниот континуитет“. Иако темата е специфична истата упатува на потреба од размислување, планирање и подготовка за непосакувани и непланирани случувања. Бизнисот, како и секој аспект од нашиот живот, стана непредвидлив. Од природни катастрофи, технолошки дефекти, пандемии, сајбер напади, до нерегуларности во снабдувањето. Имаме пред себе бескрајни предизвици. За да ги совладаме, треба да бидеме подготвени и респонзивни, истакна претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во рамки на одржување на панел-дискусија на која се дискутираше на тема „Стратегии за деловен континуитет, научени лекции и предизвици“.

Идејата за ваквата организација доаѓа како дел од активностите за одбележување на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.
Токму затоа кога зборуваме за континуитет во работењето, тоа не се однесува само на преживување во кризни ситуации, туку и на воспоставување и поддршка на основните операции и функции на бизнисот. Ова станува особено важно во периоди кога целиот свет, и ние секако, се соочуваме со предизвици кои се надвор од стандардите и усогласеноста. За сите нас, во организациите, во компаниите, имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени, да обезбедиме непрекинатост на услугите кон клиентите и да го поддржиме бизнисот во најразлични услови. Сега, повеќе отколку кога било, имаме можност и одговорност да го развиваме и унапредуваме нашиот план за континуитет на бизнисот. Ова вклучува инвестирање во технологија, едукација на вработените и постојано ажурирање на плановите и процесите, посочи Азески.
Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП за Северна Македонија посочи дека УНДП има големо искуство во оваа област и во градење капацитети за брзи кризи ситуациии (земјотреси, поплави, пожари) но и за кризи кои се одвиваат со поспора динамика (како на пример менување на климатските промени). УНДП има искуство во оваа проблематика, а посебно во пандемијата подготви програмски обуки, кои ги модифицираа според потребите на секоја земја. И сега за Украина има еден вид, додека за Газа има друг вид на понуда. Најважно од се е да го направиме бизнисот поотпорен во состојба на криза вели Григоријан.
На панел дискусијата во Стопанската комора учествуваа Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Марта Грнарова, генерален менаџер на Завар компани, Тони Стојановски, генерален директор за корпоративно банкарство и член на УО на Стопанска банка АД, Скопје, Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на Триглав осигурување АД, Скопје, Ирвин Габриел Лопез, Специјалист за отпорност на приватниот сектор, Меѓународен центар за приватен сектор во развој, УНДП, Истанбул, Турција. Истата беше модерирана од Зоран Јовановски, потпретседател во Комората.