„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

„Иднината Почнува Дома“: Признание за 32 индивидуалци од Стопанската Комора и ТИРЗ

21.12.2023

Комората и ТИРЗ претставија нова иницијатива со цел вртење на вниманието кон локалните херои, како инспирација за идните генерации

Во потег што го истакнува богатиот мозаик на таленти во Северна Македонија, Стопанската Комора и Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), ја претставија иницијативата „Иднината Почнува Дома“.
Во своето обраќање, Жарко Димитриоски, претседателот на Асоцијацијата на млади претприемачи при Стопанската комора, ТИМ 40, истакна дека проектот има за цел да ги прикаже и слави поединците кои се пример за своите заедници и врсници, кои избрале да ја градат иднината во својата татковина и кои се гледаат себеси како значаен придонес за растот и развојот на нацијата. Притоа, Димитриоски посочи дека со оваа иницијатива Комората и ТИРЗ сакаат да дадат пример за поддршка на позитивни и афирмирачки идеи и проекти кои мора да научиме да ги имаме покрај константните критики за тоа што не чини, на кое одамна навикнавме.
Андреа Серафимовски, како претставник на „двигателите на промени“ од страна на СКСМ, потенцираше дека најбитна е истрајноста, упорноста но и искреноста во она што се работи. Во Комората ангажманот на бизнисмените е на волонтерска основа, но активностите што се реализираат во интерес на креирање подобар бизнис амбиент се основа за креирање здрава општествена клима која треба да им остави квалуитетна баз ана мадите да останат дома и тука да ја градат својата иднина.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски меѓу другото посочи на тоа што и тој самиот како татко на три деца, често размислува за нивната иднината која ја гледа дома, поради што со целосно срце ја прифатил идејата „Иднината Почнува Дома“ која како што кажа, ќе послужи како катализатор на мотивација и инспирација.
Проектот ја има и целосната поддршка од претседателот на државата, Стево Пендаровски кој на сцената ја акцентираше улогата на младите како движечка сила напред во предизвикувачки периоди како сегашните.
Веб-страница на проектот, idninadoma.mk, служи како платформа за споделување на приказните за 32 поединци за пример, симболизирајќи 32 години од независноста на Северна Македонија. Досега иницијативата истакна речиси 20 значајни личности, дел номинирани од ТИРЗ и дел од Стопанската комора. Почнувајќи од успешни претприемачи до влијателни личности во заедницата, тие го отелотворуваат духот на упорност и вредност. Светли примери на луѓе кои успешно градат кариера, започнуваат или наследуваат успешни компании и се доказ дека навистина, иднината почнува дома.  
Проектот исто така ја поканува јавноста да учествува активно со номинација на останатите 12 лица до целната бројка од 32-ца. 
Веб-страницата idninadoma.mk нуди шанса за секој да номинира поединци од нивната заедница за кои веруваат дека заслужуваат признание - било да е тоа локален едукатор кој прави позитивна разлика, претприемач кој чесно и работливо го гради својот бизнис, активист што предизвикува промени на подобро итн.
Во тек е склучување соработка и со национални телевизии со цел додатна промоција на овие одбрани иднивидуалци кои прават позитивна разлика во нашето општество.