„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Преводот на меѓународните сметководствени стандарди е блиска реалност за нашите компании

27.12.2023

Иницијативата за превод на меѓународните сметководствени стандарди на Стопанската комора на Северна Македонија, силно поддржана од Советот на странски инвеститори при Комората од 2016 година, веќе е во својата последна фаза на реализација. Фондацијата за меѓународни стандарди за финансиско известување (IFRS) и официјално ја одобри македонската верзија на меѓународните сметководствени стандарди.

Воведувањето и употребата на овие стандарди ќе обезбеди конзистентност на финансиските извештаи на домашните компании со оние што се изготвуваат на глобално ниво, што е исклучително значајно за нашиот бизнис сектор.
Поради сериозните реперкусии во финансиското известување кај трговските друштва во РСМ и постоење на состојба на непреведени стандарди МСФИ и МСФИ за МСС уште од 2009 година, СКСМ уште од 2016 година ја поднесе првата иницијативата, потенцирајќи дека глобализацијата на пазарите на капитал во последните декади доведе до засилена и изразена потреба за превод на ваквите стандарди во нашата држава, кои на инвеститорите би им било овозможено да ги споредуваат финансиските извештаи на фирмите во различни земји, би се намалиле ризиците со кои тие се соочуваат при донесување на инвестиционите  одлуки, а сето тоа би придонело кон намалување на трошоците на капиталот.
Активностите кои СКСМ ги спроведе во изминатите години во функција на заштита на интересите на компаниите, преку активно учество и работа на свои претставници во работни групи и тела, од самиот почеток при подготовката на новиот Закон за вршење на сметководствени работи (Сл.весник на РСМ бр. 173 од 1.8.2022 година), во кој се дефинира и краен рок како обврска на реформираниот Институт за сметководители и овластени сметководители за превод на меѓународните сметководствени стандарди, говорат дека професионалниот пристап, упорноста и истрајноста во спроведувањето се клучни во реализацијата на поставените приоритети на сите чинители во еден процес. 
Како најстара и најбројна бизнис заедница, упатуваме честитки до ИСОС во спроведувањето на нивните активности во изминатата година и очекуваме преведените меѓународни стандарди што побрзо да бидат и официјално во целосна примена.
Иницијативата за превод на меѓународните сметководствени стандарди беше и дел од барањето за законско нормирање на холдингот во нашата држава, поднесено во јуни 2021 година до Владата на РСМ, во кое барање комплетно беа разработени предлозите за измена на три законски решенија: Законот за трговски друштва, Законот за данок на добивка и Законот за вршење на сметководствени работи.