„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

И ПОКРАЈ ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ, ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА СЀУШТЕ СЕ ВИСОКИ

09.01.2024

И ПОКРАЈ ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ, ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА СЀУШТЕСЕ ВИСОКИ

Цените на храната сѐ уште се високи, пред сѐ во земјите на Европа и на Централна Азија, кои беа особено погодени од нарушувањето што го предизвика војната во Украина. Колку што се објективни причините, сѐ повеќе се размислува за вештачко одржување на инфлацијата на храна за да се осигури профитот на индустриите на нереално високо ниво, од што најпогодени се ранливите категории на домаќинства со ниски приходи. Наспроти првите месеци од почетокот на војната во Украина, ситуацијата сега е нешто подобра, а цените на прехранбените производи во 2023 година бележат постојано намалување, иако уште се далеку над нивото пред пандемијата. Подобрување има и во делот на снабдувањето со храна како резултат на рекордно високото производство на пченица, пченка, маслодајни семиња и на ориз во земјите кои станаа доминатни на производствената мапа, како што се Аргентина, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, САД и Индија.
Цените на глобално ниво за одредени прехранбени производи, како на пример житарките и маслото за јадење, паднаа минатата година од рекордните нивоа во 2022 година, при што руската војна против Украина, сушата и другите фактори придонесоа за ширење на гладот ​​низ светот. Наспроти нив, цените на шеќерот и на оризот во тоа време се зголемија.
Последните случувања што го погодија регионот на Европа и на Централна Азија во претходните години нанесоа сериозни штети и негативни последици врз производството, дистрибуцијата и врз достапноста на храна. Овие состојби предизвикаа нестабилност во земјоделското производство и зголемување на цените на трошоците, суровините, енергијата и на храната, што резултираше со зголемување на трошоците за живот. ЕУ и Европската комисија за земјоделство апелираат да се прекине со инструментализирањето на храната во воени цели и да се осигури непречен извоз на жито и на други земјоделски производи од Украина во земјите на кои им се најпотребни.
Русија и Украина играат значајна улога во глобалното производство и во снабдувањето со храна. Двете земји се водечки снабдувачи на сончогледово масло со учество од над 50 % на светскиот пазар. Глобалното снабдување со ѓубриво, исто така, е високо концентрирано, со тоа што Русија е водечки светски производител и извозник. Војната во Украина предизвика раст на цените на енергијата и на храната, што остави далекусежни последици, кои се анализираат континуирано. Климатските ефекти како што се сушите, поплавите и природниот феномен елнињо , кој носи дожд и поплави, во комбинација со последиците од воените конфликти како што се војната во Украина, ембаргото за храна и слабеењето на вредноста на парите особено им наштетија на земјите во развој.
Општата констатација е дека инфлацијата е со надолен тренд, но цените на храната сѐ уште се високи. Земјите кои до неодамна беа целосно зависни од увоз на храна од Русија и од Украина неопходно е да бараат алтернативни снабдувачи и истовремено да размислуваат за реорганизирање на сопственото производство и за негова диверзификација, со што постепено ќе прават супституција на увозот и ќе го развиваат своето домашно производство. Владите мора да ги намалат царинските тарифи за увоз или да го ограничат извозот на одредени производи, што би можело да помогне за решавање на индивидуалните предизвици за да се обезбеди храна во земјите на краток рок.