„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

БИМИЛК СПРОВЕДУВА СЕОПФАТНА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНСФОРМАЦИЈА

19.02.2024

Фотоволтаичната централа за создавање обновлива енергија, адаптација на eнергетските постројки за користење на природен гас како гориво, како и имплементација на стандардот ISO50001 наменет за менаџирање со енергија, се чекорите што ги презеде Бимилк за постигнување целосна енергетска трансформација.

Компанијата, која е долгогодишна членка на Стопанската комора на С. Македонија направи крупни чекори во енергетската трансформација во изминатиот период. Во време на економска и енергетска неизвесност, влезе во инвестирање во енергетски системи кои освен што го рационализираат работењето и ја подобруваат енергетската независност, се истовремено одржливи и развојни и повлекуваат долгорочно дејствување во истата насока. Ваквите промени се значајни за иднината на компанијата и се вложување во сигурна оперативност, со позитивно влијание врз животната средина, со што се дава придонес и кон поширокиот јавен интерес.
На тој начин, Бимилк со свој пример ги покажува придобивките од енергетската трансформација во бизнис секторот. Вакви примери се важни за целата држава, но особено за регионите со јаглен како Битолскиот. Преминот кон обновливи извори, заштедата на електрична енергија и рационалната употреба на ресурсите сe само некои аспект на одговорното однесување на компаниите. Влијанието и подигнувањето на јавната свест со поставување пример е другиот исто толку важен аспект.