„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ НА НАСТАНОТ „НАТО – ИНДУСТРИСКИ ДЕН“

05.03.2024

Во организација на Министерството за одбрана на РСМ и на двете агенции во состав на алијансата НАТО – Агенцијата за поддршка и за набавки (NSPA) и Агенцијата за комуникации и за информации (NCIA) – беше одржан настан посветен на деловните активности со домашните компании можни добавувачи на Алијансата.

Ова е можност за македонските компании да учествуваат во понудата на услуги и на производи на НАТО-пазарот. Имаме капацитети и производи и сме конкурентни во понудата – беше истакнато на денешниот настан, на кој учествуваа голем број претставници на компаниите членки на Стопанската комора на СМ.
Кога ќе се спомне НАТО, секогаш прва асоцијација се безбедноста и стабилноста, а тоа значи инвестиции што ги правиме во одбранбените капацитети, опремувањето и во модернизацијата за исполнување на НАТО-целите на способност. Но ова е можност да се зборува и за другите придобивки кои се подеднакво важни, една друга димензија, а тоа е можноста македонските компании рамноправно да се натпреваруваат со сите други компании од земјите членки во нудењето производи и услуги за потребите на Алијансата. Станува збор за пазар од околу 10 милијарди евра на годишно ниво, кој не смееме да го пропуштиме. Домашните компании треба да се натпреваруваат со квалитет и со капацитети и да докажат дека технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји.
Од година во година се зголемува бројот на компании кои се впишуваат во регистарот на економски оператори во НАТО, а ресорното министерство и Владата на РСМ се тука да им помогнат на компаниите пристапот до овој пазар да биде поедноставен, но и поефикасен и поуспешен. Ова, наедно, ќе придонесе да се засили можноста за иновации и за зголемена конкурентност, а Законот за финансиска поддршка на инвестициите во делот на наменското производство ќе придонесе за уште поголема конкурентност не само на домашниот пазар, туку и на пазарите на земјите членки на НАТО.
Во 2020 година го формализиравме нашето членство во НАТО; во 2022 г. имавме странски инвестиции во висина од 753 милиони евра, а минатата година ја завршивме со вкупни странски инвестиции од 616 милиони евра. Придобивките, секако, ќе бидат на повеќе страни, а тоа значи зголемени инвестиции, отворање нови работни места, подобра технологија и наменско производство – беше истакнато на денешниот настан.