„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕЗЕНТИРАН НОВИОТ ЈАВЕН ПОВИК НА ФОНДОТ: „СО ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА ДО ИНОВАЦИЈА”

15.02.2023

Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, организираше виртуелна инфо сесија со цел презентација на условите за аплицирање на отворениот јавен повик за предизвикот: „СО ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА ДО ИНОВАЦИЈА“.

Претставници од Фондот за иновации и технолошки развој го презентираа предизвикот кој има за цел зголемување на иновативноста, конкурентноста и продуктивноста на малите и средни претпријатија во земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење. Воедно, предизвикот има за цел да овозможи зајакнување на капацитетите на дигиталните иновациски хабови како дел од екосистемот неопходен за понатамошна дигитална трансформација.

Поддршката преку повикот се однесува на: развој, имплементација и одржување на дигитални решенија кои преку дигитална трансформација ќе доведат до развој на иновативни производи, процеси и услуги кај претпријатијата натпреварувачи од земјоделско прехранбениот и туристичкиот сектор. Дигиталните решенија можат да бидат базирани на вештачка интелигенција, виртуелна реалност, автоматизација, роботика, интернет на нешта, веб базирани решенија и други решенија за дигитална трансформација. Избраните решенија ќе бидат презентирани и достапни за млади на возраст од 15 до 25 години, преку најмалку една бесплатна обука организирана од страна на Натпреварувачот

За финансирање на проекти во рамки на овој јавен повик обезбеден е вкупен буџет од 18.450.000 (осумнаесет милиони и четиристотини и педесет илјади) денари. Од вкупниот буџет на предизвикот, Фондот обезбедува финансиски средства во износ од 12.300.000 (дванаесет милиони и триста илјади) денари, остатокот од финансиските средства го обезбедува ИМЕ. Рок на реализација на проектот до 12 месеци.

Рокот за аплицирање е до 20.03.2023 година до 14.00 часот. Повеќе информации поврзани со јавниот повик можат да се добијат на е-адреса: digitalnatransformacija@fitr.mk или на следниот линк: https://fitr.mk/digitalna-transformacija/

Стопанската комора на Северна Македонија активно ги следи сите повици и мерки кои обезбедуваат поддршка за унапредување на деловните процеси во компаниите се со цел поттикнување на компаниите за раст и развој преку инвестирање во нови технологии кои ја унапредуваат конкурентноста и продуктивноста во работењето.