„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ФОРУМ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА МЛАДИ

25.02.2023

Соработката меѓу сите чинители во образовниот процес за создавање на компетентни поединици кои ќе бидат двигатели на развојот на економијата и општеството во нашата земја, беше тема на денешниот „Форум за младинско учество во образованието“ што го организираше Универзитетот „Гоце Делчев“од Штип.

- Ова е првиот иновативен чекор со кој Универзитетот пробува да изгради подобра или целосна соработка со средношколските центри и со младите воопшто, но и со бизнис заедницата во креирање компетентни лица, истакна Ректорот на УГД, Штип, проф. д-р Дејан Мираковски во своето обраќање. Ректорот Мираковски  информираше дека работаат на уникатно софтверско решение за систематско собирање на информации за талентираните средношколци со цел дирекно да ги детектираат интересите на средношколците за одредени области, за одредени истражувања и да им дадат дополнителна поддршка во образованието преку подготовка за натпревари, можност за учење во нивните лаборатории и за бесплатно присуство на обуки од професорите на УГД.  Според него, тоа ќе значи многу подиректно поврзување помеѓу младите талентирани ученици и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, односно со капацитетите со кои располага универзитетот.

М-р Наташа Јаневска од Стопанската комора потенцираше дека ваквите форуми се од големо значење за отворена дискусија, затоа што стопанствениците се почесто изразуваат загриженост поради фактот дека младите ги немаат соодветните стручни вештини за нивно побрзо вработување или пак се неприменливи кога ќе се вработат.

Од последната анализа на Стопанската комора 82% од компаниите се обиделе да го обезбедат кадарот со потребните вештини, но не успеале во целост да го регрутираат бараниот кадар, а 45% од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број на кандидати кои поседуваат соодветни стручни вештини и  практично искуство.

Да се подобри тоа, според Јаневска, потребно е сите да се фокусираме на три работи:

- да го менуваме начинот на размислување и да сфатиме дека образовниот и бизнис секторот мора заедно да дејствуваат;
- да ги поставиме работите на едно поинакво ниво насочено кон градење соработка помеѓу образовниот и бизнис секторот во подготовка на студиските програми, зошто таа е најупатена какви знаења, вештини и компетенции им се потребни на дипломираните студенти како резултат на модерните технологии и опрема кои ги применуваат во работните процеси и креирање нови работни места и за полесно да бидат апсорбирани на пазарот на труд
- воведување на квалитена практичната обука, преку дуално образование и во високото образование што ќе придонесе за создавање способни и компетентни млади луѓе кои ќе бидат подготвени да се вклучат во работењето на компаниите за одржлива продуктивност и конкурентност, но и квалитет во услугите што ги нуди јавниот сектор и за унапредување на научните истражувања.

Сето тоа ќе придонесе, младите да бидат оспособени за нивниот живот, да се развијат и да создавааат компетентни и стручни кадри кои ќе го влечат напред научно-технолошкиот развој и ќе овозможат висок стандард на живеење.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, испрати порака дека за подобрување на состојбите во образованието свој влог треба да дадат сите, и Локалната самоуправа, и средните училишта, и универзитетот и бизнис заедница.

На Форумот учествуваа преставници од бизнис секторот од регионот, директори на гимназиските и стручните училишта од повеќе градови, професори од УГД, Штип, средношколци и студенти. Претставниците на бизнис зедницата, како и младите средношколци и студентите имаа можност да ги споделат своите размислувања и идеи за унапредување на високото образование.