„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
16.12.2024
По повод 9-ти декември, светскиот ден за борба против корупцијата, Стопанската комора на Северна Македонија и Транспаренси Интернешнл – Македонија организираа настан на тема „Партнерството помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации во борбата против корупцијата“.
На настанот учествуваа претставници од различни сектори, кои истакнаа дека зајакнатото партнерство помеѓу бизнис-секторот, институциите и граѓанските организации е неопходно за ефективна борба против корупцијата. Овие три столба можат да создадат синергија која ќе го трансформира општеството и ќе обезбеди праведна и транспарентна деловна средина.
Настанот го отвори претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој потенцираше дека борбата против корупцијата е врвен приоритет на комората, а бизнисот сака да се бори против корупцијата зошто е една од нејзините жртви.
„Имаме намера да се интензивира борбата против корупцијата и ќе соработуваме со институциите на сите нивоа. Упорноста е единствен лек во борбата против корупцијата и секогаш треба да се изнесува вистината. Од декларативна борбата против корупцијата треба да прерасне во конкретна. Очекувам во декември 2025 година, кога ќе го одбележуваме 9 Декември – Денот на борбата против корупцијата да зборуваме за конкретни активности кои сме ги спровеле“, рече Азески.
На настанот свои согледувања за корупциските практики и борбата против корупцијата искажаа и Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Сашо Јаковчевски, помошник на главниот државен ревизор на ДЗР, кој зборуваше за слабите точки на делување на институциите детектирани во извештаите на ДЗР кои наштетуваат врз работата на бизнис секторот. Сервет Демири, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се осврна на темата „Детектирани ризици од корупција- Поддржување на транспарентноста и интегритетот во приватниот сектор“, додека министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, зборуваше за дигитализација на јавните услуги како алатка за намалување на корупцијата.
На последниот Индекс за перцепција на корупцијата, Северна Македонија беше оценета со 42 поени, со што се најде на 76-то место. Иако рангирањето покажува мало подобрување, сепак е јасно дека се потребни дополнителни напори за суштински напредок.