„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
17.12.2024
Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) одржа седница во Скопје, на која беа разгледани и утврдени приоритетите за 2025 година. Главните теми на состанокот се однесуваа на новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар и мерките за подобрување на економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан.
Пред седницата, беше одржана прес-конференција на која се обратија Лулзим Рафуна, претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Косово, Бранко Азески, ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и Ахмет Егрлиќ, претседател на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина и член на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум.
На прес-конференцијата беше истакнато дека активностите на КИФ ќе се фокусираат на примената на Акцискиот план, кој има за цел да го подобри деловниот амбиент, да ја зголеми конкурентноста на компаниите и да овозможи пристап до нови пазари.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, нагласи дека регионот мора да се подготви за глобалните економски промени.
„Бараме стабилност и висока одговорност за состојбата во која се наоѓаме. Претстои нагло заострување на економската состојба во Европа која е последица на некои подолги процеси на кои ние не можеме да влијаеме. Бизнисот е пред неизвесност, а последици сигурно ќе има, посебно ако се земе предвид ситуацијата во Германија која е наш најголем трговски партнер. Ние правиме сè за да ги убедиме структурите дома и во регионот, дека економиите на Западен Балкан мора да ја зголемат меѓусебната соработка зашто се мали. Треба да се обединиме и да им порачаме на политичките лидери смело да се влезе во инвестиција која ќе овозможи некаков напредок“, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Претседателот на КИФ, Лулзим Рафуна, најави дека за 2025 година е подготвен нов план за укинување на административните бариери, промоција на регионот како деловно пријателска зона и поддршка на компаниите за излез на нови пазари.
„Во 2025 година влегуваме со нов план. Ќе се фокусираме на укинување на сите административни бариери, на што поголема промоција на Западен Балкан како пријателски настроено деловно опкружување, на обезбедување помош за нашите компании да излезат на пазарот, но и на изнаоѓање нови пазари, надвор од ЕУ, зависно од барањата на бизнисот“, изјави Рафуна.
Претседателот на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина и член на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, Ахмет Егрлиќ пред новинарите изјави дека во интерес на Босна и Херцеговина е Западен Балкан да се интегрира.
„Економиите од овие земји да немаат никакви бариери. Сакам да истакнам дека стопанството во БиХ е во најголем дел ориентирано кон ЕУ и таму имаме најголема стопанска размена. Над 71% од нашиот извоз оди во ЕУ. Што се однесува до земјите од ЗБ најголема размена имаме со Србија. Одличната соработка со Коморите од земјите на Западен Балкан треба да повлече подобра размена“, рече Егрлиќ.