„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
03.02.2025
На 31.1.2025 година се одржна шестата седница на Националниот совет за извоз (НСИ) во нов формат и состав, на која беше презентиран новиот концепт за извоз на Комората и воедно беше елаборирана програмата за работа на Советот за 2025 година.
Претседателот на Националниот совет за извоз, Бранко Азески на почетокот на седницата ја истакна важноста на Советот како платформа за јавно-приватен дијалог за прашања поврзани со извозот. Тој истовремено посочи дека новиот формат на Советот составен од високи претставници на јавниот сектор предводен лично од претседателот на Владата на РСМ, проф. д-р Христијан Мицкоски и најуспешните извозни компании како претставници на приватниот сектор, е гаранција дека конечно ќе започенеме да ги градиме заеднички економските политики кои треба да испорачаат конкретни резултати во насока на економски развој на државата.
Според претседателот на Комората Бранко Азески, македонските производи треба да стигнат до сите земји во светот, тоа треба да биде целта. Извозот е единствената шанса за македонската економија и преку него треба да се создаде додадена вредност.
„Зборувам многу едноставно и јасно, извозот ни е единствената шанса. Преку него треба да се создаде додадена вредност, а таа ќе се создаде ако се зголеми продуктивноста, што, пак, ќе се постигне ако сите партиципираме во тој процес со совесно и одговорно однесување. Мислам дека сме на добар пат да креираме платформа зашто поволните прилики кои ги создававме долго време сега доаѓаат во прав момент, во една неизвесна ситуација што е пред нас со оглед на политичките и геостратегиските промени, да видиме како би се снашле во таква ситуација“, рече Азески.
На седницата, проф. д-р Дарко Лазаров го презентираше новиот концепт за извоз на Стопанската комора базиран на три меѓусебно поврзани столбови. Првиот столб е Клубот на извозници како оперативно тело во кое членуваат повеќе од 250 извозни компании. Вториот столб е Институтот за извоз кој преку аналитичкиот центар ќе обезбеди професионални, стручни, едукативни и експертски услуги за извозните компании, а преку тренинг центарот е насочен кон градење на менаџерски и кадровски капацитети во рамки на извозно ориенрираните компании. Третиот столб е токму Националниот совет за извоз кој како советодавно тело ќе придонесе во креирање на предлог политики насочени кон унапредување на извозот.
Истовремено, професорот Лазаров ги елаборираше клучните приоритети кои се предмет на работа на Советот за 2025 година. Имено, како клучни приоритети на Националниот совет во следниот период ќе бидат прашањата поврзани со извозната конкурентност на земјата и извозната подготвеност на компаниите, извозната промоција како алатка за поголема видливост и препознатливост на нашите компании и производи на регионалните и глобалните пазари, и прашањата поврзани со трговската регулатива и деловнато бизнис опкружување на извозниот еко-систем.
Претседателот на Владата на РСМ, проф. д-р Христијан Мицкоски ја поздрави иницијативата и работата на Националниот совет за извоз како институционална форма за соработка помеѓу Владата на РСМ и приватниот сектор во насока на зголемување на извозот и остварување на поголем економски раст.
Националниот совет за извоз веќе работи на предлог програма за извоз со сет на инструменти, активности и конкретни форми на поддршка за извозно оринетираните компании и истата ќе биде предмет на дискусија во наредниот период. На овој начин, Комората ја покажува заложбата и посветеноста кон извозот и преку еден системски пристап се обидува да им помогне на компаниите во насока на нивна поголема конкурентност и успех на меѓународните пазари.