„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Стручна конференција „Нови екобетони за одржлив свет“ – Иновативни технологии во градежништвото преку зајакнати партнерства

14.03.2025

 „Градежништвото е основен двигател на економскиот развој, па воведувањето иновативни решенија базирани на вештачката интелигенција, кои ќе го унапредат процесот и ќе создадат можност за нови одржливи производи, е од клучно значење. Во услови на голема транзиција речиси во сите сектори, од клучно значење е зајакнувањето на соработката меѓу науката, компаниите и институциите. Само на тој начин може да се насочи развојот кон креирање одржливост на долг рок, зајакнување на конкурентноста на компаниите и економски раст.“ Ова беа главните заклучоци од стручната конференција „Нови екобетони за одржлив свет“, која се одржа во организација на ТИТАН Усје и Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

На конференцијата, која е организирана во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од основањето на ТИТАН Усје, пред присутните се обрати главниот извршен директор на компанијата Константинос Николау.

„Иновациите и воведувањето нови технологии се наш врвен приоритет, па голем дел од инвестициите се насочени во таа насока. Во последните пет години компанијата вложи повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачката интелигенција, иновативни технологии и во одржливи практики, вклучувајќи и еколошки типови на цемент и обновливи извори на енергија, како што се соларната енергија и алтернативните горива. ТИТАН Усје е пионер во примената на принципите на кружната економија, а како резултат на тоа компанијата ги редуцираше емисиите на CO₂ за 2.600 тони. Токму тоа нѐ мотивираше да ја интензивираме соработката со сите релевантни партнери, да го споделиме нашето искуство и знаење со пошироката заедница и да поттикнеме поголема соработка меѓу инволвираните страни“, истакна Николаоу. 

ТИТАН Усје планира да инвестира дополнителни 20 милиони евра во нови технологии и во модернизација во следните три години, а со производството и со пласманот на пазарот на нови екоцементи компанијата дополнително ги намали емисиите на CO₂ за повеќе од 40.000 тони.

„Живееме во услови на брзи и нагли промени, што предизвикува неизвесност. Речиси сите сектори, вклучувајќи го и градежништвото, мора да се приспособат на овие промени. Па, оттука, соработката е многу важна бидејќи ќе ни овозможи заедно да го најдеме најдобриот начин кој ќе гарантира раст и во следниот период. Градежништвото е исправено пред два предизвика: едниот е поврзан со климатските промени и со потребата од поголема примена на еколошки производи, а вториот предизвик е поврзан со потребата да не се запоставуваат основните принципи на градежништвото – стручност, стандарди, свест и совест. За одржливо градежништво се потребни и двата аспекта и уверен сум дека со ваков тип на соработка во голема мера ќе придонесеме за развој кој ќе се движи во вистинската насока“, истакна деканот на Градежниот факултет при УКИМ, проф. д-р Горан Марковски. За да ја потенцира важноста на стручноста во градежништвото и на употребата на квалитетни и еколошки бетони, Марковски стави маска од диносаурус, алудирајќи на тоа дека ако не се грижиме за животната средина, ќе имаме иста судбина како и диносаурусите.

Во насока на интензивирање на соработката меѓу приватниот сектор и научната јавност, ТИТАН Усје започна соработка со Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која се реализира преку проектот „Знаење + CO₂ - со знаење и иновативност до помалку CO2“. Активностите на проектот се одвиваат преку три главни модули: едукативен модул, модул за истражување и развој и модул за подигнување на свеста.