„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за чиста технологија (ФЧТ) во рамки на Климатските инвестициски фондови (ЦИФ), во партнерство со Стопанската комора, организираа промотивна работилница за начинот на пријавување за финансискиот инструмент Програма Green & Growth.
На настанот одржан на 25-ти март 2026 година во Стопанската комора, 53 учесници, членки на Комората беа воведени во процесот на пријавување за Програмата која има за цел поддршка на транзицијата во зелена економија и регионален економски развој во Пелагонија и Југозападниот регион на Северна Македонија.
Компаниите, ММСП и корпорациите, членки на Комората, имаа практична можност да проверат дали инвестициската идеја во: зелена економија, енергетска ефикасност & обновливи извори, унапредување на производството, конкурентност, или иновација, е подобна за финансирање во рамки на Програмата и да ги разберат придобивките за учество. Во тек на интерактивната сесија, учесниците слушнаа за бараната документација, започнаа со пополнување на пријавата и добија насоки за појаснување на критериумите за подобност.
Програмата Green & Growth е спој на финансирање преку кредитна линија на ЕБОР пласирана преку локалните Партнерски финансиски институции, грант во висина до 15%, и техничка поддршка финансирана од Фондот за чиста технологија (ФЧТ). Партнерски финансиски институции се НЛБ банка и Шпаркасе банка. Консултантите се поддршка за компаниите учеснички во процесите на пријавување и имплементација.
Учесниците, воедно, имаа можност да се запознаат со придобивките во советодавната компонента на Програмата во излагањето на Г-а Маја Столеска Костадинова, Главен регионален координатор на ЕБОР.
Потенцијалните корисници во Програмата Green & Growth се упатуваат за понатамошни информации да ги контактираат Партнерските финансиски институции НЛБ банка и Шпаркасе банка.