„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Позитивни примери од компании

Раде Кончар –ТЕП „Учиме од бизнисот“ - образованието се поврзува со практиката

Студентите преку директна интеракција со компании, реални случаи и искуства, учат од индустријата

Највредното учење доаѓа од бизнисот - од реални проекти, вистински предизвици и искуства што не се учат од учебник. Тоа станува реалност кога претставници од бизнис-заедницата директно им раскажуваат на студентите и средношколците, за искуството кое се стекнува низ работните процеси што е различно од теоријата што се учи низ образовните институции.

Во насока на приближување на двата процеси, и препознавање на стручните училишта и факултетите дека оваа алка во синџирот е многу потребна, на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, пред студентите беше одржано предавање од страна на директорот на компанијата Раде Кончар ТЕП, м-р Горан Антевски и м-р Дамјан Василевски, вработен во истата компанија, поранешни студенти од истиот факултет. Темата на предавањето беше „Што значи да се гради кариера во инженерството денес“ и пренесување на знаење од „прва рака“ - од реалната економија во образованието.

Пред студентите, преку нивното излагање беше пренесена приказната на Раде Кончар ТЕП - од почетоците до денешниот развој, како компанија која континуирано инвестира во автоматизација, енергетска ефикасност и современи производствени процеси. Посебен акцент беше ставен на тековните проекти, можностите за практикантство и реалните предизвици со кои се соочуваат младите инженери при нивниот влез во индустријата.

Во суштина, оваа директна комуникација значи зајакнување на врската помеѓу академијата и бизнис секторот и поврзување на образованието со реалниот сектор - процес во кој младите не учат само „што да знаат“, туку и „како тоа знаење се применува во пракса“, бидејќи обезбедуваат:

1.     увид во тоа како навистина функционираат компаниите, надвор од теоретските рамки;

2.     разбирање на тековните трендови, технологии и вештини што се бараат на пазарот на труд;

3.     запознавање со реални кариерни патеки, предизвици и можности за развој;

4.     градење свест за очекувањата на работодавачите и потребните компетенции;

5.     поттикнување мотивација и појасна ориентација кај младите при избор на професија.

Ваквиот концепт треба да биде поддржан и применет во повеќе образовни и студиски програми, за да можеме да ја оставариме целта, а се креира кадар по мерка на бизнисот.