„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Образование - инвестиција во бизнисот

КАКО ДА СЕ СМЕНИ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ДА БИДЕ РЕЛЕВАНТНО ВО ИДНИНА?

21.05.2026

| Новости

- Ставови, мислења и препораки од универзитети, студенти и компании -

 Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања во рамки на Стопанската комора, изработи “Анализа на потребите на работодавците од високообразовни квалификации“, за добивање наоди кои послужија како основа за креирање квоти за упис за академската 2025/2026 година, како и за креирање на релевантни студиски програми и за воведување на практична настава кај работодавачите како составен дел од образовниот процес.

Тргнувајќи од сознанијата во Анализата дека само 53% од компаниите имаат соработка со високообразовните институции за реализација на практична обука, Стопанската комора одлучи да направи дополнително истражување за соработката меѓу приватниот сектор и високото образование во насока на идентификување на пречките, можностите и модалитетите за нејзино унапредување.

За таа цел, во периодот од 18-20 мај 2026 година, Комората реализираше интервјуа со фокус групи сосставени од проректорите за настава од сите универзитети основани од државата, претставници од студентските собранија од истите универзитети и студентски организации, како и претставници од приватниот сектор, кои по нивна иницијатива соработуваат со одредени факултети од универзитетите.

Во рамки на фокус групите беше заклучено дека постои формална соработката и соработката мора да биде двонасочна. Универзитетите треба да соработуваат со компаниите и во студиските програми да ги вметнат барањата на бизнис секторот, додека бизнис секторот треба да биде проактивен во прогнозирањето и дефинирањето на вештините кои ќе им требаат во иднина, менторирањето на студентите и нивно вработување, како и во поддршка на иновациските истражувања кои треба да ги прават заедно со универзитетите.

Од аспект на универзитетите, беше истакнато дека соработката е неопходна и професорите треба да се во тек со барањата на компаниите, потребно е формализација и регулирање на практичната настава во студиската програма и во одобрувањето на студиските програми да се слуша и гласот на бизнис заедницата. Беше заклучено дека за унапредување на таа соработка потребно е да има продекан за соработка со бизнис заедницата.

Од аспект на работодавачите, констатирано е дека се потребни промени во високото образование, во насока на зголемување на процентот на практична настава на реално работно место и работа на дипломски труд, базиран на реални проблеми и иновативни процеси кои произлегуваат од домашното стопанство. Според нив, за целисходност на практичната настава, потребно е воведување практична недела, по принципот на колоквиумската недела и поголем ангажман на професорите за поттикнување на студентите за реализација на истата. Приватниот сектор покажува подготвеност за вклучување во дуалниот модел во високото образование, но тој треба да биде структуриран, за да може да биде одржлив.

Низ призма на студентите, практичната настава на реално работно место е многу значајна за стекнување стручни, но и основни трансферзални вештини и предлагаат цел семестар за пракса. Според нив, кариерните центри треба да бидат контакт точка која ќе ги поврзува со бизнис заедницата. Исто така кариерните центри треба да ги подготвуваат студентите за полесно излегување на пазарот на труд. Тие порачаа дека државната стратегија за образование треба да ги следи потребите на пазарот на труд и да поттикне модернизација на студиските програми. Заеднички беше констатирано дека дипломата е само документ, додека вештините кои се стекнуваат преку практичната настава се потреба и за самите студенти и за бизнис заедницата.

Значајно е да се истакне дека диксусиите на трите фокус групи ги потврдија ставовите на Стопанската комора за подигнување на соработката на академската и бизнис заедницата, во насока на обезбедување квалитет во високото образование, стекнување практични вештини кај студентите и поголемо учество на реалниот сектор за усогласување со потребите на пазарот на труд.