„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Бизнис-секторот треба да ги искористи можностите и ресурсите што ги обезбедува државата и да инвестира во знаење, обука на вработените и алатки засновани на вештачка интелигенција, кои ќе ги унапредат деловните процеси и конкурентноста на компаниите.
Ова го истакна Мирослав Гроздановски, советник на министерот за дигитална трансформација, во разговорот со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во новата епизода на „Chamber Talk“, посветена на темата „Вештачката интелигенција – правец на иднината“.
Според Гроздановски, примената на вештачката интелигенција може значително да ги поедностави деловните процеси, да ги намали трошоците и да овозможи создавање поконкурентни производи и услуги. Тој нагласи дека компаниите треба да бидат подготвени да инвестираат во новите технологии и во знаењето на своите вработени, за да можат да одговорат на конкуренцијата од земјите кои веќе вложуваат значителни средства во оваа област.
Осврнувајќи се на улогата на државата, Гроздановски посочи дека се подготвува стратегија за вештачка интелигенција, која ќе биде поврзана со програмата на Фондот за иновации и технолошки развој (ИНОВА). Преку различни јавни повици за поддршка на малите и средните претпријатија, како и на поширокиот бизнис-сектор, компаниите ќе имаат можност да аплицираат за финансиски средства за унапредување на деловните процеси и воведување соодветни технолошки решенија.