„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Рударството покажа отпорност на шокови, неопходни се натамошни инвестиции и соработка со институциите за зголемување на производството и извозот

31.03.2023

Изјава на претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Ивица Талевски во интервју за телевизијата Блумберг Адрија

Македонското рударство е исклучително издржлива индустриска гранка, која покажа дека е отпорна на сите предизвици и шокови со кои се соочува, предизвикани од енергетската криза, инфлацијата и последиците од војната во Украина, кои успева самостојно да ги надмине, без поддршка од државата.
Ова го изјави претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Ивица Талевски во интервју за телевизијата Блумберг Адрија, посочувајќи дека рударството е една од ретките домашни индустриски гранки која бележи суфицит во трговската размена со странство. „Дури и минатата година, и покрај сите познати предизвици со кои се соочи целокупната индустрија, рударството забележа раст на извозот за 17,9%, кој надмина вредност од 280 милиони долари“, истакна Талевски. 
Говорејќи за трендовите во развојот на оваа индустрија во следниот период, претседателот на МАР рече дека очекува во блиска иднина да започне процес на окрупнување на македонското рударство, како во поглед на концесиите, така и во делот на рударските компании, што според негова оценка е неопходен процес, затоа што актуелните кризи покажаа дека поголемите и помоќните рударски компании можат многу полесно да се соочат и да ги издржат различни шокови и истовремено да продолжат со инвестициите во одржлив развој. 
Претседателот на МАР очекува дека во наредниот период дополнително ќе се интензивира комуникацијата и соработката помеѓу бизнисот и институциите, што ќе резултира со изнаоѓање ефикасни решенија за сите тековни и идни предизвици со кои се соочува домашната рударска индустрија. Една од темите на овој дијалог е потребата од дооформување на процесот на издавање концесии, во насока на спојување на концесиите за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини. „Ваквото спојување би ги охрабрило инвеститорите, особено поголемите и поискусните инвеститори од странство, да ги зголемат своите вложувања во македонската рударска индустрија, што ќе се овозможи подинамичен развој, поголемо производство и извоз“, вели Талевски. 
Илустрирајќи го значењето на оваа гранка за домашната економија, претседателот на МАР истакна дека рударството креира околу 8.000 работни места, со плати кои се над 35%, а во поголемите рудници и до 80% повисоки од просечните македонски плати. Говорејќи за предизвиците со кои се соочува целокупната македонска индустрија во делот на недостигот на кадар, претседателот на МАР истакна дека домашните рудници, особено големите, со поддршката што ја добиваат од своите инвеститори во форма на ресурси, знаење и искуство, развиваат различни стимулативни програми со кои сакаат да привлечат кадар од локалното население. Па така, поголемите рудници се вклучени во проекти за дуално образование, имаат програми за стипендирање на средношколци и студенти, особено на техничките струки, вршат обука и преквалификација на кадарот и се обидуваат да одржат ниво на стимулативни плати кои во целиот сектор се поголеми од македонскиот просек, заклучува Талевски. 
Целото интервју на претседателот на МАР Ивица Талевски за ББА е достапно на следниот линк