„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ АЛАРМИРА - БИЗНИСОТ ГО ПОНЕСЕ НАЈГОЛЕМИОТ ТОВАР ОД ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

25.04.2023

Претседателот на МЕА, Анѓушев, со 9 предлог мерки за справување со новата енергетска состојба

Управниот одбор на Стопанската комора и Македонската енергетска асоцијација како исклучително важни органи и форми на делување за бизнис секторот одржаа специјална седница на која заеднички се дискутираше за дефинирање конкретни мерки и решенија како бизнисот да се справува со новата енергетска состојба.
Претседателот Бранко Азески пред присутните бизнисмени и новинарите кои ја следеа целата седница, информираше дека изминатите повеќе од една и пол година неколку пати преку конкретни предлози, апели, укажувања од страна на Комората и МЕА се нудеа разни форми на заштита на стопанството, но компаниите беа оставени сами да се справуваат на отворениот пазар. Во таа насока претседателот Азески истакна дека иако е крај на зимската сезона, време нема, и дека сега треба да се креираат предлози за да не се случи повторно на стартот на следната сезона да бидеме затекнати од состојбите со снабдување на пазарот со електрична енергија и ќе продолжиме да бидеме упорни да нудиме решенија. Азески потенцираше дека големите компании како локомотива на стопанството треба да бидат следени од страна на Владата бидејќи нивното работење, покренува работа и на илјадници мали компании и работни места кои без големите не можат да опстојат. Азески упати на фактот дека во услови кога не постои одговорност ниту поддршка од државата, кога во регионот но и глобално се уште демне неизвесност, кризи, конфликти, потребно е да се опстои на веќе формулираниот став дека големите компании со здружени средства може да се организираат и да набават електрична енергија по прифатливи цени, самостојно за свои потреби. 
Присутните беа запознаени со резултатите од анкетата спроведена од стручната служба на Комората за зголемените трошоци на компаниите по основ на поскапа цена на електрична енергија во 2022 година споредено со 2021, како и за процентуално зголемување на трошокот за струјата за истиот период, која покажа дека во некои сектори, зголемувањето на трошоците било и до 470%.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација проф. д-р Кочо Анѓушев истакна дека, ако до пред извесно време се говореше за висока цена сега на прашањето „колку е цената на струја„, одговор прецизен нема, бидејќи флуктуации има од час во час во текот на само еден ден. Парадоксот оди дотаму, што на пазарот во моменти кога има зголемено производство од фотоволтачни централи, цена е и околу нула. Заклучоците што биле добри во одреден момент сега не се. Бидејќи во енергетиката постојано се менува ситуацијата, заклучоците треба да се имплементираат навремено. Оттука, потребни се нови чекори и мерки за да се заштити стопанството. Анѓушев предложи 9 мерки како предлог нацрт-заклучоци од МЕА со цел да се надмине новата енергетска состојба.
  • Мерката за вклучување  во работа на сите електрани веќе нема ефект во услови на зголемено производство од обновливи извори (фотоволтаици) и затоа треба да се следи состојбата со цените на електирчната енергија и енергенсите (мазут, јаглен, ...) и преку оптимална економска логика да се одлучи дали и кога е исплатливо да се вклучат одредени домашни енергетски капацитети или да се увезе ефтина енергија.
  • Неопходна е дисперзија во инвестирањето во обновливи извори на енергија. На пример ветерните централи и фотоволтаичните електрани произведуваат електрична енергија во различно време. Да се инвестира повеќе во биогасни централи и повторно да се актуелизира инвестицијата во мали хидро електрани.
  • Имајќи во предвид дека состојбата е иста во ЈИЕ, да се инвестира во батериски системи, и складишта на електрична енергија, но и реверзибилната хидроелектрана Чебрен, која во услови на ниска цена на ел. енергија би пумпала вода во горен базен во вид на акумулација. Бидејќи Чебрен е долгорочен десетгодишен проект кој треба да се оствари, во меѓувреме, државата треба да ги поддржи инвеститорите, индустриските капацитети и сл, за инсталација на батериски системи преку олеснување и намалување на постапки  и давачките, како и намалување на царинските стапки до нивно елиминирање, заради поттикнување на поголемо инвестирање, следејќи го примерот на ЕУ.
  • Компаниите треба да ја прифатат новата состојба со варијациите на цените во текот на денот и кон набавката на електричната енергија да пристапат согласно нивниот технолошки процес, односно набавка по фиксна цена за фиксен процес или менаџирање со потрошувачката согласно берзанските цени во текот на денот, што може да води и до заштеди.
  • Државата да се врати на Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година, која предвидува плански инвестиции во енергетските капацитети и енергетската мрежа.
  • Последниот период се изградија многу обновливи извори на енергија, а нашата држава се уште не е сертифицирана за издавање на зелени сертификати. Затоа е потребно државата интернационално да се сертифицира за да може производителите на енергија од ОИЕ да издаваат зелени сертификати, кои подоцна ќе предизвикаат зголемен приход за инвеститорите.
  • Се поддржува иницијативата на МЕМО да се направи македонска берза на електрична енергија, меѓутоа за берзата да биде ликвидна, да се донесе одлука со која сите државни купувачи ќе бидат на wholesalе пазар, односно да не се набавува електрична енергија на тендери и преку билатерални договори, туку истото да се врши на македонската берза.
  • Магистралните гасоводи да се стават во функција, но притоа да се градат и дистрибутивни мрежи низ градовите. Тоа ќе доведе до големи цени за пренос на гасот, но истиот ќе се дели на повеќе потрошувачи.
  • Хидрогенот да биде имплементиран во Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година при нејзиното следно обновување кое се врши на секои 5 години.
Предлозите на Анѓушев и воведното излагање на претседателот Азески беа повод за дискусија на присутните учесници на специјалната седница на УО и МЕА, по што беше договорено во следниот период, покрај заклучоците од денешната седница, да се креираат и други заеднички предлози како ќе делува бизнисот во иднина наспроти се`уште неизвесната состојба со енергетската криза.