„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПОТРЕБНА Е ИЗВОЗНА ДИВЕРЗИФИКАЦИЈА! ДРЖАВАТА МОРА АКТИВНО ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО ТОЈ ПРОЦЕС СО ЦЕЛ ЗАБРЗУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

25.05.2023

Најголем проблем зошто македонскиот извоз не може да испорача повисоки стапки на економски раст е неповолната извозна структура и ниска домашна додадена вредност на извозот. Втор сериозен проблем со кој се соочува македонскиот извоз е ниската извозна диверзификација од аспект на број на извозни компании, производи и пазари. Од вкупно 3.500 извозни компании само 450 компании извезуваат со вредност над 1 милион долари и само 1.300 компании извезуваат со вредност поголема од 100.000 долари. Македонскиот извоз се пласира на мал број извозни пазари со силна концетрација на само неколку пазари од регионот и ЕУ, а домашните компании извезуваат мал број на извозни производи, истакна проф. д-р Дарко Лазаров, претседател на Клубот на извозници при Стопанската Комора, во гостување во емисијата “Економски магазин” на Алсат-M телевизија.

Оваа слика може да се промени само преку активна поддршка на државата во насока на стимулирање на компаниите со цел технолошка модернизација, развивање на одделенија за развој, воведување на меѓународни стандарди за квалитет, и градење на менаџерски и маркетинг капацитети за меѓународен бизнис, посочи Лазаров. Според него, државта треба да работи на подобрување на условите за водење бизнис, поттикнување на иновациите, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на образованието, бидејќи само на тој начин може да изградиме конкурентна економија и компании кои ќе бидат подготвени да се борат на регионалните и странските пазари.
Истовремено, професорот Лазаров посочи дека Клубот на извозници како специјализирано тело во рамки на Комората работи на конкретни мерки за поддршка на извозно ориентираните компании, а ново формираниот Национален совет за извоз со кој раководи Стопанската комора и Претседателот Бранки Азески се клучни механизми за јавно приватен дијалог кој има задача да го издигне извозот како врвен национален приоритет на државата и преку истиот да обезбеди полесно канализирање на сите бизнис иницијативи и предлози во насока на унапредување на домашниот извозен сектор.
 
Линк до целата емисија: https://www.youtube.com/watch?v=f-hqRBhJqCw