„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕЗЕНТИРАН ТРЕТИОТ ПОВИК ВО РАМКИ НА РЕГИОНАЛНИОТ ФОНД ЗА ПРЕДИЗВИЦИ

16.06.2023

Преку поттикнување јавно-приватни партнерства до испорака на квалитетен стручен кадар по мерка на бизнисот

Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Центарот за стручно образование и обука, а со поддршка на Регионалниот фонд за предизвици и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“, организираше Инфо сесијата за промоција на третиот повик во рамки на Регионалниот фонд за предизвици, во насока на информирање на образовните институции и компаниите за можностите преку заедничка соработка во форма на конзорциум да изработат проектни апликации со кои ќе обезбедат инвестиции во машини и опрема на лабаратории и училишни работилници со кои ќе се подобрат условите за реализација на практична обука за учениците и студентите.
Настанот го отвори м-р Михајло Донев, претседател на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања кој посочи дека дуалниот модел на образование за кој Стопанската комора на Северна Македонија активно се залага изминатите 10 години полека но сигурно ги покажува резултатите на терен, а клучното во целиот процес е тоа што во обезбедувањето на стручен кадар е вкучен и приватниот сектор кој преку реализацијата на практичната обука  на учениците и студентите значајно допринесува во профилирањето на стручен кадар. Тој даде краток осврт за претходно реализираните повици во рамки на Регионалниот фонд за предизвици, преку кои беа обезбедени средства во износ од 6,13 милиони евра за 14 македонски конзорциуми во кои учествуваа 66 компании и 14 образовни институции, вклучително средни стручни училишта, факултети и институти.
Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари истакна дека ваквите активности дополнително ја поттикнуваат соработката на стручните училишта со приватниот сектор, со што се влијае врз подобрување на перцепцијата за стручното образование и обука, за што говори податокот дека 69% од запишаните ученици во средно образование одбрале токму стручно образование.
Пред присутните беа презентирани условите за аплицирање на третиот повик, од страна на  Билјана Симеонова, координатор на Регионалниот фонд за предизвици за Северна Македонија , која истакна дека поединечен конзорциум може да аплицира за грант од 150.000 до 600.000 евра. Таа пред присутните ги појасни фазите за аплицирање и потребната документација која ќе треба да се обезбеди, појаснувајќи дека носители на апликациите се образовните институции кои во рамки на конзорциумот потребно е да вклучат најмалку 2 компании. Повеќе од 50 учесници од приватниот сектор и образовните институции имаа можност од прва рака да се запознаат со начините на подготовка на успешни проектни апликации.
Средствата за грантот се обезбедени од германското Федерално министерство за економска соработка и развој и Швајцарската агенција за развој и соработка, а се реализираат преку Германската развојна банка (KfW) и преку Регионалниот фонд за предизвици за кој подоцна ќе ве запознае координаторот на РЦФ за Северна Македонија