„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ИЗВОЗОТ, КАКО ВРВЕН ПРИОРИТЕТ ЗА РАЗВОЈ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

18.09.2023

Презентирани можностите за извозни компании преку проектот: “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД

Стопанската комора на Северна Македонија продолжува во остварувањето на стратешките определби преку промоција на активностите за поддршка на извозните капацитети и конкурентност на македонските компании, кои се остваруваат во рамки на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“,кој го спроведува Комората, во партнерство со УСАИД, во времетраење од 3 години, до крајот на јуни 2025 година
За таа цел, оперативниот менаџер на Проектот, м-р Михајло Донев, пред извозните компании од Источниот регион (Штип, Пробиштип, Кочани, Делчево, Виница, Берово) накусо ги презентираше двете основни цели на проектот:    
  • да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна и
  • зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност.
Во рамки на презентацијата фокус беше ставен на поддршката која преку Проектот се овозможува на извозно ориентираните компании, која се однесува на техничка поддршка во пристап до финансии, поттикнување на дигитална трансформација, подготовка на компаниите за имплементирање на меѓународни стандарди, како и подготовка на стратегии за извозни пазари. Во првата година, преку проектот беа поддржани 34 компании преку различните форми на техничка поддршка и учество на меѓународни саемски манифестации, а повеќе од 80 компании од регионот за Западен Балкан имаа можност да остварат деловни средби и да ја унапредат регионалната интеграција. 
Проф. д-р Дарко Лазаров, главен експерт ги презентираше финалните резултати од анализата за идентификување на извозните потенцијали и можности на македонската економија што е изработена во рамки на проектот.
Тој укажа дека анализата која е изработена по методологија на Меѓународниот трговски центар (ITC) ќе им помогне на македонските извозни компании во нивните напори за зголемување на извозот на веќе постоечките извозни производи, како на традиционалните извозни пазари, така и во напорите за проширување на извозната активност со освојување на нови извозни пазари. Професорот Лазаров ја претстави анализата на 10 селектирани извозни производи од Источниот регион и додаде дека преку анализата ќе се обезбедат корисни информации на македонските компании и за можностите кои им стојат на располагање за отпочнување на производство и извоз на нови производи за кои имаат потенцијални компаративни предности.
Пред присутните компании беа најавени и четирите повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети кои се веќе објавени на Коморскиот веб сајт на следниот линк: https://www.mchamber.mk/Default.aspx?mId=2&htmlid=921&lng=1.
Повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите; дигитална трансформација; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија; техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.
Компаниите од Источниот регион пројавија особен интерес за актуелните  повици и презентираните наоди од Анализата на извозните потенцијали на македонската економија и изразија поддршка за активностите на Националниот совет за извоз, тело кое Стопанската комора на Северна Македонија го формираше во периодот од првата проектна година како советодавно тело за поддршка и промоција на домашните извозни компании со цел зголемување на конкурентноста и градење на системски пристап на регионалните и меѓународните пазари.
Генерална цел на проектот е да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна, како и зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност.