„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

Медијацијата како партнер на компаниите во надминување на одредена потешкотија

10.10.2023

Во услови кога е нарушена ликвидноста на компаниите и кога компанијата треба да премости одредена потешкотија во комуникација со бизнис соработниците, идеален партнер за надминување на таквата состојба е медијацијата

На 10.10.2023 година во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа прес конференција на која се најави организацијата на Втората регионална конференција за промоција на медијација.
Претседателот на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Македонија и Национален координатор за медијација, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска заедно со членовите на Националниот совет на медијација: Љупчо Сотироски, Ивана Талевска-Трендафилова, Зоран Петковиќ-Бакли, како и со Цветанка Чундева, претставник на ИФЦ-Меѓународната финансиска корпорација-групација на Светска банка, направија најава на Втората регионална конфереција за промоција на бенефитите од медијацијата која ќе се одржи во Стопанската комора на 18-ти октомври 2023 година. Пред да бидат соопштени детали во врска со Втората регионална конференција, се даде осврт што е досега се' направено од страна на Стопанската комора на Македонија самостојно или во соработка со други домашни и странски институции.
На прес конференцијата Георгиева Јовевска се осврна на неколку важни работи и тоа:
ШТО ПРАВИМЕ ЗА ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА?
  1. Стопанската комора со ИФЦ (Меѓународната финансиска корпорација-групација на Светска банка) од 2006-та година за прв пат прават промоција на медијацијата преку заеднички шест месечен проект за презентација на медијацијата пред бизнис заедницата,
  2. Во 2016-та година формиравме АПМ во рамките на Стопанската комора за популаризација на медијацијата,
  3. Од 2016-та година во нашата држават работат првите лиценцирани медијатори со положен испит за медијатори согласно тогашниот Закон за медијација,
  4. Од кога е формирана АПМ, односно од 2016-та година до денес организирани над 50 бесплатни предавања/презентации/настани пред повеќе од 2.500 претставници на бизнис заедницата и други заинтересирани страни,
  5. Во 2017-та година со поддршка на Унијата на германските трговско-индустриски комори Стопанската комора ја прави првата Регионална конференција за промоција на медијацијата со присуство од над 200 учесници и говорници од департментите за медијација од регионот,
  6. Во 2021 година се носи нов Закон за медијација кој стапува на сила од 4 јануари 2022 година,
  7. Јуни 2022 година од страна на Владата на РСМ е именуван првиот Национален координатор за медијација,
  8. Формиран Национален совет за медијација составен од вкупно 5 члена заедно со координаторот. Националниот совет е Владинот тело кое работи независно и самостојно и кое се грижи за квалитетот на работите во медијацијата-издава и укинува лиценци, акредитира програми за обуки на медијатори, евалуира, соработува, поднесува иницијативи за закони поврзани со материјата и сл.
МЕДИЈАЦИЈА-ЗОШТО ДА СЕ КОРИСТИ ОД СТРАНА НА КОМПАНИИТЕ?
„Медијација“ е посредување и начин на решавање на споровите наведени во Законот за медијација, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба.
Во согласност со Законот за медијација, медијацијата се применува при имотно-правни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, при потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, при спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, при спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминација, спорови поврзани со граѓанската одговорност за навреда и за клевета и во други спорни односи настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица, каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични предмети, доколку не е поинаку определено со посебен закон.
Симплифицирано, медијацијата претставува вонсудски и законски начин на решавање спорови од најразличен вид. Целата постапка се води од лиценциран медијатор кој има соодветна обука, положен испит од областа на медијацијата и лични вештини за постигнување спогодба меѓу две спротивставени страни. 
При користењето на медијацијата за решавање на споровите главна улога имаат начелата на медијацијата, кои ја издвојуваат како најпривлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите. Начела на медијацијата се:
  • доброволност,
  • рамноправност и неформалност,
  • непристрасност,
  • доверливост (исклучена е јавноста од постапката и сите информации од постапката се доверливи),
  • достапност на информации (нема достапност на информациите од медијацијата во други постапки),
  • еднаквост,
  • правичност,
  • ефикасност и економичност.
  • Многу голем аргумент за користење на медијацијата е нејзината извршност-доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар.
  • Со поднесување на барање за поведување на постапка на медијација започнува прекин на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето.
  • Постапката на медијација може да биде бесплатна за страните, во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога е тоа уредено со закон.
  • Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во насока на постигнување спогодба, не можат да се користат во судска, арбитражна или во друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин.
  • Нема долги судски постапки и нема прекин на соработката. Во стопанството секој спор претставува застој или прекин на деловните односи што предизвикува негативни реперкусии во крајните деловни резултати. Со помош на медијација овие ситуации на деловни спорови се премостуваат на брз, ефтин и ефикасен начин при што им се овозможува на деловните соработници да ги решат меѓусебните спорови а сепак да го задржат високото ниво на соработка.
  • Покрај правните акти од национален карактер , Република Северна Македонија од 2019 година е потписник на Сингапурската конвенција за медијација. Потпишувањето на оваа конвенција е историски настан, кој подразбира бројни придобивки за странските инвеститори и компаниите преку алтернативното, вонсудско разрешување на меѓународните трговски спорови. Целта на конвенцијата е да им се помогне на страните кои имаат прекуграничен спор, да го решат со медијација имајќи сигурност и доверба дека постигнатата спогодба може да се спроведе, односно да се изврши во која било од земјите кои ја усвојуваат Конвенцијата.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка од февруари 2016 година постои одредба во Законот дека за стопанските спорови за парично побарување, чија вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација. При поднесувањето на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен ваквиот доказ (дека страната се обидела спорот да го реши по пат на медијација), судот ќе ја отфрли.
БРОЈКИ
Државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата. Така, државните институции во последните неколку години во нашата земја се едни од поголемите корисници на медијацијата со што државата дополнително дава поддршка во промоцијата и популаризацијата на медијацијата како еден од најефискасните алтернативни начини на решавање на споровите. Согласно официјалните податоци за внес на предметите во медијацијата при Министерството за правда на РСМ евидентно е дека од 2017 година до 30.09.2023 година државата најмногу е вклучена во решавање на работните спорови преку процесот на медијација, односно бројката за овој период е 2.041 работни спорови од вкупно по сите други основи 4578 постапки за медијација (што е 45%). Од овие 2.041 постапки решени по пат на медијација, 98 % се успешни односно со склуучена Спогодба .
Од вкупниот број на постапки за медијација односно од 4.578 постапки 50.5% завршиле со спогодба. Од вкупниот број на медијации, 43,5% се трговски спорови, 4,5% се осигурителни спорови, додека 45% се работни спорови.
Трговските спорови се со близу 10 посто успешност односно толку завршиле со потпишување на Спогодба, додека кај работните спорови успешноста, преку потпишување со Спогодба е 98%.
За нас како бизнис заедница, радува податокот што од година во година тенденција на пораст имаат трговските спорови. Посебно радува и податокот што благодарение на вакви институции како Националниот совет за медијација се евидентираат добри бројки. Пример, од вкупниот број на медијации евидентирани во последните 6-7 години дадени во приказот погоре (од вкупно 4.578 медијации за овој период), 1/3 од оваа бројка се евидентирани само во последните две години од кога е формиран Националниот совет за медијација при што може да се дојде до заклучокот дека благодарение на поддршката на Владата, Националниот совет за медијација, Стопанската комора на Македонија кои прават промоции, предавања и сл. бројките и состојбите се подобруваат во позитивна насока, што е успех за сите.
Затоа, ги охрабруваме и повикуваме сите (онаму каде има медијабилност и за правни и за физички лица) да ја користат оваа алатка, да ја користат фирмите, да ја користат државните институции, да ја користат и општините односно локалната самоуправа, бидејќи така ќе си помогнеме на себе си, на компаниите, на општините, на судовите и слично и со помалку средства, за многу кратко време, во една доверлива постапка каде сите остануваат соработници, без нервози и без "победник-губитник" туку само "победник-победник", можеме да решиме сегашен или иден спор.
Според Извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во Глава: Владеење на правото и фундаментални права, Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права, евидентирано е дека се потребни напори за подобрување на употребата на алтернативното решавање спорови посебно медијацијата.
ДРЖАВАТА ДАВА ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА
Согласно Законот за медијација, Владата на Република Северна Македонија донесува Програма за развој на медијацијата, во која се определуваат мерки за поддршка и развој на медијацијата и финансиски средства за реализација на програмата во која ги опфаќа областите на подобрување на стручните вештини на медијаторите, едукација, информирање, промоција, европско право, соработка со стопанство, поддршка на истражувања, деловна етика, меѓународни стандарди за решавање спорови со медијација и друго.
Посебна годишна програма за поддршка на медијацијата донесува Судскиот совет на Република Северна Македонија, заради воспоставување на потесни врски и одржување на постојана институционална соработка за медијацијата со Комората.
НАЈАВА НА РЕГИОНАЛНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА
На крајот на прес конференцијата, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска по деталното претставување на бенефитите од медијацијата, бројките и поддршката што сите чинители ја даваат или треба да ја дадат во насока на поголемо нејзино користење, го најави одржувањето на втората регионална конференција на тема: „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности” што ќе се одржи на 18 октомври 2023 година во Скопје (во Стопанската комора на Северна Македонија). На конференцијата најавено е присуството на над 100 претставници од бизнис секторот, локалната самоуправа, адвокати, судии, јавни обвинители и претставници од државните институции, а ќе има и околу 20 говорници. Разменети ќе бидат исксуствата на земјите од регионот и од ЕУ, но ќе биде испратена и пораката дека бизнисот и останатите сектори треба повеќе да ги користат алтернативните начини за решавање на споровите како што е медијацијата
“Кога ја мотивираме бизнис заедницата да ја користи медијацијата како алатка за решавање на споровите, велиме, фирмите да не чекаат да дојде до проблем, да не чекаат компанијата да западне во одредена криза и да не чекаат да имаат спор, туку седнувајќи на маса со својот партнер, може да се реши некој иден спор. Посебно во услови кога е нарушена ликвидноста на компаниите и кога компанијата треба да премости одредена потешкотија кoja ja има со своите бизнис соработници, идеален партнер за надминување на таквата состојба е медијацијата- нагласи Георгиева Јовевска.
По одржување на прес конференцијата во Стопанската комора, Георгиева-Јовевска се вклучи во дневникот на Македонската телевизија, а целиот разговор со неа можете да го проследите на следниот линк: Разговор во живо во дневникот на МРТ.