„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЗАКОНОТ ЗА ЗАБРАНА НА НЕФЕР ТРГОВСКИ ПРАКТИКИ ВО СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ СО ЗЕМЈОДЕЛСКИ И ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ - ТЕМА НА ДЕНЕШНАТА РАБОТНА СРЕДБА ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

12.10.2023

Новиот Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи беше тема на денешната работна средба во Стопанската комора на Северна Македонија меѓу компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор, вклучувајќи ги и синџирите на маркети, и претставниците на Министерството за економија.

Со овој закон се уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнувањето нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување и се утврдуваат нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи и се постигнува координација меѓу органите надлежни за спроведување на одредбите од овој закон. Тој ќе се применува врз продажбата на земјоделски и на прехранбени производи чии добавувач и купувач се основани во Република Северна Македонија, во земјите членки на Европската Унија или во трети земји.
Во Законот се содржани околу 26 нефер трговски практики, а за приспособување на компаниите спрема понудените решенија е одреден рок од шест месеци. Според бизнисот, ова е доволен период, но не е исклучено тој да се скрати доколку добавувачите и купувачите се соодветно подготвени. Текстот на Законот, кој денеска беше претставен во Стопанската комора, е веќе на ЕНЕР и ќе се носи со европско знаменце.
Се очекува Законот да воспостави ред на пазарот со земјоделски и со прехранбени производи. Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. На состанокот беа отворени голем број прашања што беа нејасни за бизнис-секторот. Се работи за европски закон приспособен за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека сѐ ќе биде законски регулирано. Начелно останува овој период од шест месеци приспособување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми. Евентуалните забелешки треба да произлезат во наредниот период. Во следните 20 дена треба да ги сумираме зашто секој има свое гледиште, и компаниите и синџирите на маркети. Заедничкиот документ ќе се достави до ресорното министерство. Имаме време да ги разгледаме и да ги појасниме работите. Можеби ние погрешно ги толкуваме; можеби има простор каде што ќе може да се интервенира, беше истакнато од Комората.
Текстот на Законот е во завршна фаза. Многу е важно што директивите од ЕУ се транспонирани во него. Целта е преку дијалог во кој ќе бидат вклучени сите страни да се донесе најдоброто решение, за да не се направи штета никому, и што овој закон ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговијата во делот на земјоделските и на прехранбените производи. Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи првпат се носи во земјава.