„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЕУ интеграции – еколошки стандарди за животната средина во компаниите- услов за влез, препознатливост и конкурентност на Европскиот пазар

16.10.2023

Во фокусот на ЕУ политиките за животна средина е Европскиот зелен договор кој има за цел воведување на климатски неутрална економија на територијата на ЕУ до 2050 година, преку развивање на чисти извори на енергија и зелени технологии, притоа почитувајќи ги принципите на оддржлив развој, истакна Јадранка Аризанковска советник за ЕУ интеграции во кабинетот на претседателот на СКСМ на денешната прес-конференција „ЕУ интеграции  – еколошки стандарди за животната средина во компаниите- услов за влез, препознатливост и конкурентност на Европскиот пазар“трета по ред што Комората ги организира во рамки на циглусот ЕУ интеграции.

„За остварување на амбициозните политички заложби на ЕУ, подготвена е предлог Регулатива за климатска неутралност и акциски план за остварување на целите, користејќи соодветен финансиски механизам за Праведна транзиција. Во акцискиот план на ЕУ вклучена е и Зелената агенда за Западен Балкан, која ќе се развива и промовира во наредниот преиод во сите земји од регионот, а со тоа ќе биде неминовно прилагодувањето на националните политики со политиките и динамиката на ЕУ во оваа област“, нагласи Аризанковска.
 
Кластер 4. ЗЕЛЕНА АГЕНДА И ОДРЖЛИВА ПОВРЗАНОСТ
 
14 – Транспортна политика
15 – Енергија
21 – Трансевропски мрежи
27 – Животна средина и климатски промени
 
Поглавје 27 се однесува на  Животна средина и климатски промени е збир на политики кои се насочени кон заштита на животната средина од разни антропогени негативни влијанија, како и намалување на ризиците кон климатските промени, здравјето на човекот и биодиверзитетот. Поглавјето по својата природа е хоризонтално и има значајна улога во обликувањето и спроведувањето на политиките за енергетика и транспорт. Тоа ги опфаќа следните области: хоризонтално законодавство, квалитет на воздух, управување со отпад, квалитет на водата, заштита на природата, контрола на индустриско загадување, бучава, шумарство, хемикалии, климатски промени и цивилна заштита.
 
Емисија Тодоровска нагласи дека Стопанската комора на Македонија, како една од најстарите и најголеми бизнис асоцијации во републиката, сопствената функција и задача преку реализација на коморските услуги,  секогаш ја насочува кон и само кон компаниите, кои се нејзина основна клетка. Таа беше првата институција која ја осозна потребата од афирмација и излез на компаниите на меѓународно ниво и пазар, а во основа на истата ја подржа иницијативата да биде посредник и носител во и на едукативните активности, кои ја имаа за цел имплементацијата на (ISO) меѓународните менаџмент стандарди.
„Станува збор за стандарди кои овозможуваат воспоставување на системи за управување ( илити менаџмент системи) како алатки за подобри процесни перформанси, кои пак во голема мера ќе придонесат во изградбата на цврста, јасна и конкретна определба за континуирано унапредување во работата, што е секако основна стратешка цел на секоја компанија. Небитно е дали станува збор за ISO 9001 стандард со кој се организира систематично процесно прикажување на активностите во компанијата, ISO 14001 стандард кој укажува на тоа дека сопствените активности  и излезите од истите се контролираат во настојувањето да немаат никакво негативно влијание врз животната средина, ISO 45001 стандард  кој потврдува дека човечкиот ресурс, односно вработените, се најголемиот капитал на  компаниите и дека на истите се внимава и им се овозможува да работат во здрава и безбедна работна средина, или пак ISO 22000  стандард кој ја потврдува безбедноста на храната.
Би се задржала на стандардот ISO 14001, кој го дефинира Системот за управување со животна средина. Истиот е создаден со цел да се минимизира влијанието на компаниите/организациите  врз животната средина, односно  медиумите воздух, вода и земја и е компатибилен со законските процедури и регулативите на ЕУ. Регулативата на ЕУ во однос на животната средина е транспонирана во нашиот  национален закон за животна средина, донесен 2005 год., со голем број на измени низ годините, а најновата е од 2022 год“, рече Тодоровска.
Целта  на истиот е да обезбеди  систематска рамка/пристап  за заштита на животната средина, како и  одговор на  променетите услови во  организацијата,  во однос на општествено-економските потреби. Тоа се постигнува со специфични барања со кои  се овозможува да ги унапреди  перформансите  на животната средина преку:
  • развој и примена на политика  и цели за животна средина;
  • идентификација на аспектите кои произлегуваат од нејзините активности/процеси, производи/услуги, кои можат да  предизвикаат значајни влијанија  врз животната средина;
  • воспоставување  на системски процеси кои го третираат нејзиниот контекст и ги зимаат во обзир  нејзините значајни аспекти  vs животната средина, ризиците  во врска со заканите  и можностите, како и нејзините обврски  за усогласеност;
  • зголемена свест за односот со животната средина;
  • воспоставување контрола на операциите за да управува  со значајните аспекти на животната средина и обврските за усогласеност;
  • вреднување на перформансите врз животната средина  и превземање мерки за подобрување по потреба
Процесниот пристап  на управување со животна средина може да му обезбеди на раководството  информации кои ќе помогнат во долгорочно остварување на  успехот и создавање на можности кои ќе овозможат одржлив развој преку :
 
  • заштита на животната средина по пат на превенирање или намалување на негативносто влијание врз животна средина;
  • ублажување на потенцијалното негативно влијание на условите во животната средина врз организацијата;
  • помош во исполнувањето на обврските за усогласеност;
  • унапредување на перформансите врз животната средина;
  • управување или влијание на начин  на кој производите/услугите на организацијата се развиваат, произведуваат/обезбедуваат, дистрибуираат/доставуваат, користат и одлагаат, од аспект на животниот циклус со кој може да се спречи  оптеретувањето на/врз животната средина  од невнимателното префрлање на истите на друго место во рамките на неговиот животен  циклус;
  • постигнување на финансиска и функционална корист  која може да произлезе  од примената на алтернативи, поповолни од аспект на животната средина, и  кои ја зацврстуваат пазарната позиција на организацијата;
  • соопштување на информациите за животната средина  на релевантните заинтересирани страни.
 
А пак причините поради кои се  имплементира стандардот ISO14001 се следниве:
 
  • непрекинатото загадување на животната средина;
  • страв од потполно исцрпување на природните ресурси;
  • законите на ЕУ;
  • зголемената заинтересираност на јавното мислење за зачувување на животната средина;
  • недостаток од организирано и систематизирано следење на последиците од загадувањето;
  • посебни услови на работа во загрозени области.
 
Системот за управување со  животната средина  треба да се разбере како алатка или  средство за управување со производите, услугите и процесите на една компанија кои посредно или непосредно влијаат на животната средина и придонесуваат за:
  • намалување на расходите (со исправно и економично користење на природните материјали, природните ресурси и правилно одложување на отпадот);
  • полесно спроведување на законот;
  • подобрување на општото и личното здравје;
  • подобрување на односите со локалната и општинската администрација;
  • ускладеност на добавувачите и соработниците со политиката за заштита на животната средина на организацијата;
  • обезбедување на превентивни мерки и правовремено спречување на еколошки катастрофи;
  • зголемување на вредноста и довербата на  организацијата што ја има на пазарот;
  • постојано усовршување во областа заштитата на животната средина;
  • подобрување на општата слика на организацијата;
  • предност на европскиот пазар.
„Со имплементација на системот за управување со животната средина може да се постигне намалување на бруто-расходите во фирмата или институцијата, а со самото тоа и до зголемување на продуктивноста и заработувачката. Зголемувањето на заработувачката произлегува од изнаоѓањето начин за драстично намалување на отпадот, за негово правовремено и адекватно ослободување, како и поефикасно и порационално користење и заштеда на енергијата.
Исто така, овој систем бара потврда за препознаени кризни процеси од страна на фирмата или институцијата, како и негова апсолутна соработка околу преземањето корективни мерки и спроведувањето на законот или прописите. Сето ова придонесува за намалување на грешки или немарно предизвикани еколошки катастрофи, а со самото тоа и огромни парични казни. Една од најбитните придобивки што се манифестираат со системот за управување со животната средина е намалениот ризик кој би можел да доведе до еколошка катастрофа или до недозволени загадувања на животната средина“, истакна Тодоровска на прес-конференцијата.
Ако се осврнеме на направените анализи, ќе потврдиме дека Стопанската комора до сега го имплементирала ISO 14001 стандардот во 20 компании, што и не е голема бројка, но мора да се каже дека секоја засебна активност во компаниите е процес, кој со своето времетраење овозможил многу компоненти од работењето да се насочат правилно и да се одвиваат онака како што се бара и треба. Овој стандард е потреба на/за  компаниите и услов да истите го потврдат стекнатиот имиџ во бизнис околината, да ја издигнат својота местоположба во бизнис светот, да бидат застапени и конкурентни на бизнис пазарот во и надвор од сопствената земја.
Стопанската комора на Македонија во своите програмски насоки и цели, услугата за/на имплементација на овој стандард ја застапува и понатаму и е поборник за истата, факт повеќе што на секој бизнисмен му е апсолутно јасно дека  стандардот, колку и да е доброволна активност, генерално  е услов за препознатливост и конкурентност на Европскиот пазар.