„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Известување за компаниите-членки согласно покренатата иницијатива за оценување на уставноста на Законот за солидарен данок

24.10.2023

Стопанската комора на Северна Македонија ги известува компаниите-членки, другите бизнис субјекти и јавноста, дека како посебна времена мерка во покренатата иницијатива за оценување на уставноста на Законот за солидарен данок („Службен весник  на РСМ, бр.199/2023), Комората поднесе и барање за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија врз основа на Законот за солидарен данок, поради постоењето на опасност дека со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици. Иако според одредбите на Деловникот, во ваквите случаи Уставниот суд е должен да ја оконча постапката во најкраток можен рок и вакво решение може да се донесе во текот на целата постапка до донесувањето на конечна одлука, Уставниот суд минатата недела (16.10.2023) со соопштение за јавноста се произнесе дека во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот.

Имајќи предвид дека утре истекува крајниот рок за еднократна исплата на обврските по овој закон, ова значи дека компаниите ќе мора да ја платат својата обврска, но Комората укажува на фактот во вакви околности можеме да дојдеме до ситуација ако Уставниот суд ја прифати иницијативата и го поништи оспоруваниот акт, секој субјект чие право било засегнато со овој закон да има право да бара отстранување на последиците, преку враќање во поранешна состојба, со надоместок на штета или на друг начин, во износи кои неколкукратно можат да го надминат износот кој се наплатува од компаниите.
Стопанската комора на Северна Македонија укажува уште еднаш дека на ваков начин на субјектите им е одземена можноста да се превенира настанувањето на штетните последици од примената на овој закон и е ускратено правото да ја користи времена мерка (особено имајќи предвид дека роковите за усполнување на обврските по законот се 30 дена, далеку пократки од трите месеци колку што може да трае претходната постапка пред Уставниот суд) , што значи треба да се најде механизам да се избегнат ваквите ситуации, а до креаторите на политики се укажува дека вакви решенија сериозно се одразуваат врз ликвидноста на стопанството во целост, и можат да имаат далекусежни последици.
Уште еднаш апелираме сите прашања што се однесуваат на бизнисот треба да добијат приоритет од сите субјекти (сите чинители од извршната, законодавната и судската власт), бидејќи се работи за финансиски обврски од голема вредност кои значително влијаат на целиот економски систем.